fbpx

Столтенберг од Скопје: Нема директна воена закана за Западен Балкан, но загрижуваат тензиите на Косово и во БиХ

Не гледаме закана за некој од сојузниците на НАТО во овој регион, но она што го гледаме е зголемувањето на тензиите, особено во Косово, кажа Столтенберг

-

Војната во Украина, конфликтот што се води во Појасот Газа и други прашања кои се однесуваат на градење на долгорочен мир и безбедност во регионот, но и во Европа и светот, се најдоа во фокусот на средбата на лидерите на НАТО сојузниците од регионот што денеска се одржа во Скопје.

Западниот Балкан е стратешки важен за НАТО, рече Генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг. Иако нема директна воена закана за која било од земјите во регионот, според него, сепак, постојат причини за загриженост поради зголемените тензии на Косово, но и во Босна и Херцеговина.

„Не гледаме закана за некој од сојузниците на НАТО во овој регион, но она што го гледаме е зголемувањето на тензиите, особено во Косово. Гледаме и дека има тензии кои се јавуваат во Босна и Херцеговина, но не гледаме директна воена закана за која било од земјите во регионот“, посочи Столтенберг.

Според него, постои загриженост за развојот на настаните во одредени држави во Западен Балкан и затоа мора да се препознае силата и важноста на НАТО во регионот.

Генералниот секретар кажа дека во Косово е зголемено присуството на Алијансата со околу илјада дополнителни трупи и со потешко вооружување.

„Ние сме претпазливи, одблизу ја набљудуваме ситуацијата и ќе го направиме она што е потребно за да се заштитат и одбранат сите сојузници. Но, тука повеќе се работи како да помогнеме да се стабилизира нашето соседство, зашто кога нашите соседи се постабилни, ние сме посигурни и затоа мене ми е полесно да седнам со сите лидери од овој регион и да ги споделам нашите процени, така подобро ќе разбереме како треба  да напредуваме“, истакна Столтенберг.

Авторитарни држави како Русија го загрозуваат нашиот демократски интегритет со сајбер закани. Затоа, важно е да се избере дијалогот и дипломатијата наместо конфликтот и војната, кажа тој.

„Време е да се надминат регионалните конфликти кои траат предолго. На состанокот дискутиравме и за агресијата врз Украина од страна на Русија. Двете страни треба да престанат да бидат во конфликт. Ги фалам сојузниците на НАТО што даваат витални решенија“, рече Столтенберг.

Тој најави дека ќе почнат подготовките за наредниот Самит на НАТО што во јули догодина треба да се одржи во Вашингтон, САД.

Со денешниот самит во Скопје, Столтенберг ја заокружува неколкудневната турнеја на земјите од Западен Балкан, во рамките на која ги посети Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Северна Македонија.

На денешната неформална средба присуствуваа премиерот Димитар Ковачевски, неговите колеги од Албанија – Еди Рама, од Црна Гора – Милојко Спајиќ и од Хрватска – Зоран Милановиќ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК апелира да не им се попречува работата на новинарите за време на изборите

Државната изборна комисија (ДИК) денеска достави писмен одговор по испратената претставка од страна на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), поврзана со случајот со прекршувањата на правата на новинарката...