„Сезоната“ на отровен воздух започна, Скопје на осмото место во светот по загаденост

Концентрациите на ПМ10 беа највисоки во Лисиче каде се измерени 136 микрограми или над трипати повеќе од максимално дозволените, потоа во Гази Баба 93, и во Ѓорче Петров 81 микрометар на кубен метар

Фото: Мета.мк

Сите мерни места во Скопје на Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух (ДАМСКАВ) покажуваат високо загадување на воздухот со ПМ10 и ПМ 2,5 честички. Во последните 24 часа сите измерени вредности ја надминуваат границата на 50 микрометри на кубен метар, што за првпат есенва го искачи Скопје на осмото место на најзагадените градови во светот, според листата на Iqair.com.

Сезоната на отровен воздух почна и во другите градови низ земјава, веднаш штом облаците и маглата го заменија сончевото време. Според мерењата од мерните станици на државниот мониторинг, само во Берово лесно се дише, а во Прилеп и во Охрид мерењата покажуваат ниско загадување.

Концентрациите на ПМ10 беа највисоки во Лисиче каде се измерени 136 микрограми или над трипати повеќе од максимално дозволените, потоа во Гази Баба 93, и во Ѓорче Петров 81 микрометар на кубен метар. Во Лисиче се највисоки и концентрациите на ПМ2,5, 148 микртометри, а во Гази Баба се 112.

И годинава има мерни станици на државниот мониторинг кои не функционираат, односно мерни места кои не ги регистрираат сите полутанти, па сликата за степенот на загадување не е целосна. Така, во Скопје не функционира мерното место кај Ректорат, додека, станиците во Карпош и во Центар не мерат концентрации на ПМ2,5. Битола и Кочани, градови кои имаат континуиран проблем со квалитеторт на воздухот, немаат податоци за концентрациите на ПМ 10, а во Прилеп, Куманово и Гевгелија не се знае колку ПМ2,5 има во воздухот.

Граѓаните на располагање ја имаат и мрежата „Мој воздух“ на Air Care, на која можат да следат десетици мерни локации преку системот на мобилни станици. Според нивните мерења воздухот во Скопје е загаден со вредности на 100 микрограми на кубен метар ПМ10 честички и во Усје, Железара, Сопиште, Чаир…