Бугарскиот главен град до крајот на август 2020 година ќе ја пушти во функција третата линија на софиското метро. Линијата ќе биде долга 12 километри, ќе има 12 метро станици и ќе ги поврзува југозападниот со североисточниот дел на градот. Вкупната вредност на проектот изнесува 480 милиони евра. Изградбата на третата метро линија започна на почетокот од 2016 година, а градежните работи во изминативе четири години се одвиваа интензивно долж целата траса. Досега се изградени 8 километри од третата линија и се завршени идентичен број на метро станици.

Актуелниот проект на третата метро линија се гради со финансиски средства обезбедени од Европската Унија, и во помал дел, со средства од бугарскиот државен буџет. Со завршувањето на капиталниот проект се очекува да се намали годишната емисија на јаглерод диоксид во Софија за 90.000 тони. Воедно, третата метро линија треба значително да го намали сообраќајниот метеж во бугарската метропола.

Софиското метро започна со работа во 1998 година и досега Бугарија успеа да изгради две метро линии, со вкупна должина од 40 километри. Најголемиот дел од средствата ги обезбеди од ЕУ. Со софиското метро во просек дневно се возат околу 350.000 патници. Постојните две линии ја поврзаа главната железничка и автобуска станица со софискиот аеродром, како и со други фреквентни локации во градот.

„Мета.мк“ објавува серија на фотографии од дел од локациите на кои се гради третата линија на софиското метро, како и фотографии од преостанатите две функционални метро линии во градот.