Назначувањето на новите директорите на Упрвата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Љупчо Андоновски, и на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Горанче Савовски, иако можеби изгледаше малку изненадувачки, од аспект на кадровски решенија, бидејќи, многу малку или воопшто не ѝ се познати на јавноста, сепак, од разузнавачката заедница и од полицијата неофицијално велат дека нивниот избор си има своја логика, на која ѝ е приврзан предзнакот „партиска“.

Според нашите извори, и Андоновски и Савовски доаѓаат од Факултетот за безбедност во Скопје и својата професионална кариера ја градат во МВР, едниот 15, а другиот нешто повеќе од 20 години.

Сепак, она што е заедничко за двајцата е нивната партиска ориентација, која, наводно, играла значајна улога во нивниот напредок во кариерите, и блискоста со дел од актуелната раководна гарнитура и во МВР и во власта.

– Новите директори на УБК и на БЈБ доаѓаат од редот на вработените во МВР, каде имале и своја професионална кариера. Во врска со политичката ориентација, лесно може да се претпостави каде припаѓаат. Единствено, не биле политички експонирани, па затоа, можеби, не ѝ се познати на јавноста – вели еден од нашите извори.

Друг наш соговорник, пак, е поексплицитен и не многу изненаден во врска со именувањето на новите директори на двете, можеби, најважни функции во структурата на МВР.

– Андоновски, како човек е добар и е добар фудбалер. Но, кај него е забележлива и неговата партиска ориентација и нејзините интереси, која знаел цврсто да ја брани и во обични пријателски дискусии. Тоа играше и голема улога во гардењето на неговата професионална кариера, особено по 1998 година – вели нашиот соговорник.

Љупчо Андоновски е во полицијата од 90-тите години на минатиот век. Доаѓа од Факултетот за безбедност во Скопје.

Работи во Управата за безбедност и контраразузнавање, каде со тек на време добива и раководни позиции, меѓу кои и началник на УБК за Скопје. Во меѓувреме ја продолжува и својата академска надградба.

Кариерата на Горанче Савовски, пак, е тесно поврзана со онаа на актулениот министер за внатрешни работи, Митко Чавков, кој дојде на местото на Гордана Јанулоска.

И тој своето академско образование го добива на Факултетот за безбедност, а во МВР е примен во 1999 година.

– Тој е примен во МВР за време на партиските вработувања во 1999 година. И неговата кариера се движи паралелно со таа на Митко Чавков – вели еден од нашите соговорници.

Савовоски, во извесна смисла, е наследник на Чавков во секторите на МВР, од кои едниот заминувал, а другиот доаѓал на негово место.

– Кога Чавков заминува од позицијата началник на организиран криминал и станува началник на Централните полициски сили (ЦПС), Савовски доаѓа на негово место во организиран криминал. Потоа Чавков оди на чело БЈБ, Савовски е началник на ЦПС, и сè така до последната смена – велат нашите извори.

Ова го потврдува и кратката биографија на Савовоски на интернет-страницата на МВР, каде сè уште се води како началник на ЦПС, додека графата за директор на БЈБ на истата страница сè уште е празна.

Исто така, администраторот на страницата сè уште не ја ажурирал и графата на директорот на УБК, каде за позицијата директор на тајната полиција сè уште стојат фотографијата и кратката биографија на Сашо Мијалков.