Перформанс на Регионална антикорупциска иницијатива „Свири крај“, фото: РАИ

Кога сте добро организирани, 24 часа е доволно време да патувате на другата страна на планетата, да прочитате книга или да научите нова вештина. Сепак, дали знаете што друго може да се направи за 24 часа? Тоа е доволно време да се „спасат“ од уништување многу пари што државава секој ден ги губи преку добро организирана корупција и мито. Од ден на ден, со децении, парите што им припаѓаат на сите граѓани се уништуваат практично пред нивните очи.

Ова го посочи во соопштение, Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ), која одлучи преку 24-часовен перформанс „Свири крај“, на симболичен начин, да ги предупреди граѓаните за обемот на корупцијата и митото, да ја подигне нивната свест за клучната улога што ја имаат во борбата против овие појави и да ги охрабри да дејствуваат проактивно.

За време на перформансот на плоштадот „Македонија“ во Скопје, парите се уништуваа симболично, во транспарентна кутија, а граѓаните учествуваа на перформансот притискајќи го копчето „Свири крај!“ на корупцијата, симболично сопирајќи ја корупцијата, и на тој чин заштедеа повеќе од 111 милиони денари.

„Пари, што можат да се инвестираат во изградба или реновирање на училишта, едукативни и забавни центри за млади, институции за грижа на стари лица и инвалиди, центри за деца со попреченост“, соопштија од РАИ.

„Свири крај“ е дел од едукативната и информативна кампања што РАИ ја спроведува со финансиска поддршка на ЕУ, во рамките на проектот „Прекини ја тишината“: Зајакнување на политиките и културата на укажувачите на земјите од Западен Балкан и Молдавија“.

Проектот е поддржан од Инструментот на ЕУ за претпристапна помош (ИПА) има за цел да им помогне на партнерите во владиниот и невладиниот сектор на земјите-кориснички да ги подобрат каналите за обелоденување и механизмите за заштита на укажувачите, да го зајакнат капацитетот на граѓанското општество за поддршка на укажувањето и свеста за важноста на борбата против корупцијата.

Анета Арнаудовска, виш советник за борба против корупцијата при Секретаријатот на РАИ, истакна:

Со јавниот перформанс, сакавме да го свртиме вниманието кон штетата што корупцијата му ја нанесува на нашето општество и на значајната улога што секој поединец ја има во борбата против корупцијата. Граѓаните кои го притиснаа копчето „Свири крај!“ симболично ја запреа корупцијата и понатамошното уништување на нивните пари.

Заменик-шефот на делегацијата на ЕУ во С. Македонија, Џулијан Васало рече дека правото да се пријавува корупцијата е алатка за поттикнување на транспарентноста и интегритетот, но и за заштита на општото добро.

„Укажувачите можат вистински да се охрабрат да зборуваат против корупцијата само кога навистина им веруваат на институциите “, рече Васало.

Софка Пејовска Дојчиновска, член на ДИК посочи дека за да се охрабрат што повеќе поединци да добијат учествот во корупција и активно да се вклучат во борбата против корупцијата, неопходна е и институционална поддршка.

РАИ е меѓувладина регионална организација која се занимава исклучиво со антикорупциски прашања и посветено и професионално работи во областа на превенција и борба против корупцијата, обезбедувајќи заедничка платформа за дијалог, размена на знаење и најдобри антикорупциски практики во ЈИЕ.