fbpx

Со Преспанскиот договор не е изгубен терминот Македонец

Со Преспанскиот договор не постои никаква националност „граѓани на Северна Македонија“, како што се тврди во објавата која ја анализираме. Државјнаството е Македонско/граѓани на Северна Македонија, а националноста е Македонец. Поради тоа, објавата ја оценуваме како неточна, пишува „Вистиномер“

-

Со Преспанскиот договор не постои никаква националност „граѓани на Северна Македонија“, како што се тврди во објавата која ја анализираме. Државјанството е Македонско/граѓани на Северна Македонија, а националноста е Македонец. Поради тоа, објавата ја оценуваме како неточна, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Анализираме објава на мрежата Фејсбук, која тврди дека со Преспанскиот договор не постои веќе националност Македонец. Ова не е точно.

Во времето на СФРЈ беше: Државјанство СФРЈ, Националност – Македонец. У време на СДС предавничка: Државјанството – Македонско, Националност – Граѓани на Северна Македонија, се наведува во објавата.
Авторот на објавата очигледно ги „помешал лончињата“ или пак, свесно манипулира дека националноста е граѓани на Северна Македонија. Во Договорот од Преспа вакво нешто не постои.
Уште на самиот почеток од договорот во членот 1, став 3 б, јасно е наведено како ќе гласи државјанството.

 

б) Државјанството на Втората страна ќе биде македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, како што ќе биде заведено во сите патни документи.

Значи, државјанството, не националноста, е македонско/граѓани на Северна Македонија.

Што се однесува до националноста, таа е Македонец/Македонка и тоа е загарантирано со Преспанскиот договор, односно загарантиран е македонскиот идентитет. Вистиномер на оваа тема веќе има пишувано во една поголема анализа.

Во документот со кој новото име на државата е „Република Северна Македонија“ за севкупна употреба со превод на сите јазици, нема ниту една одредба со која се загрозуваат македонскиот идентитет и македонската посебност, ниту, пак, се бришат термините „Македонија“ и „македонски“.

Напротив, со членот 7 (став 3) од Договорот се гарантира македонскиот идентитет и правото да се определуваме како Македонци, се наведува во анализата на Вистиномер.

Во однос на Втората страна, овие термини („Македонија“ и „македонски“ , н.з.) ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура, и наследство, кои се особено различни од оние кои се наведени во член 7, став (2).

Согласно Договорот од Преспа термините: Македонец, македонска, македонски, се трајно заштитени и никој повеќе нема да може да ги негира или оспорува.

Ова во една прилика го објасни и тогашниот портпарол на македонската влада, Миле Бошњаковски.

Според договорот, Македонија и Грција го прифаќаат терминот „Македонец“ во двете земји согласно со културите на двете страни, рече Бошњаковски за грчката телевизија „Епсилон“, на прашањето дали граѓаните во Македонија ќе се нарекуваат Македонци или граѓани на Република Северна Македонија.

Бошњаковски тогаш објасни дека според членот 7 од договорот, двете страни се согласни што значи терминот „Македонец за Грција и за нас, но и дека во нашите пасоши се одредува државјанството кое ќе биде заведено како „Macedonian/citizen of Republic of North Macedonia“.

Перспективата дека во Грција постојат луѓе кои се чувствуваат како Македонци припаѓаат на елинската култура е 100 отсто прифатлив за нас. Во истиот член, грчката страна прифаќа дека постои момент кога термините „Македонец“ и „Македонија“ се прифатени за нашата култура, што е целосно различна од вашата култура. Ова е основата на договорот и јас не гледам никакви точки на конфликт, објасни Бошњаковски во 2018 година.  

Како пример за тоа дека националноста е Македонец, може да послужи и случајот од 2021 година кога УЕФА на својот официјален сајт го стави зборот „Северномакедонец“, во графата за националност на претседателот на ФФМ Муамед Сејдини и генералниот секретар Филип Поповски. По оваа реагираа дел од медиумите, а македонското МНР веднаш испрати реакција до Европската куќа на фудбалот, нагласувајќи дека постојано водат сметка за точната употреба на името на државата, државјанството, и етничката припадност на граѓаните на Македонија.

По реакцијата на МНР, УЕФА во графата за националност кај Сејдини и Поповски го стави зборот „Македонец“.

Од ова можеме да заклучиме дека со Преспанскиот договор не постои никаква националност „граѓани на Северна Македонија“, како што се тврди во објавата која ја анализираме. Државјнаството е Македонско/граѓани на Северна Македонија, а националноста е Македонец. Поради тоа, објавата ја оценуваме како неточна.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Матура ќе се полага вo училишни холови, за да не се случи тестаторот да го нема, а учениците да прават селфи

Oколу 600 матуранти од средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“ викендов полагаа пробна државна матура. Тие пишуваа есеј кој е задолжителен дел од испитот по мајчин јазик, а импровизираното полагање...