Градот Скопје денеска го потпиша договорот за изработка на Студија за оптимизација на мрежите на линии на автобускиот јавен превоз во Скопје. Потребата од ваква студија се наметна заради фактот што актуелната мрежа на градско-приградските автобуски линии, според која е организиран јавниот автобуски превоз во Скопје, е направена врз основа на студија која датира од пред точно 40 години – од 1981 година.
„Преку отворена јавна постапка, спроведена од Европската банка за обнова и развој, за изработувач на студијата е избран конзорциумот меѓу израелската компанија РОМ Транспортејшн и англиската ГСТЦ ЛТД со понуда во висина од 322.530 евра. Оваа понуда е избрана како најдобра од вкупно 17 понуди од светски реномирани консултантски организации од сферата на транспортот“, рече скопскиот градоначалник Петре ШилеговBe по потпишувањето на договорот.
Тој додаде дека имајќи предвид колку градот е променет за овие 40 години и во однос на популацијата и во однос на урбаниот развој, изработката на оваа нова студија, т.н. BRS (Bus Restructuring Study), со помош на која ќе се изврши целосна реорганизација на мрежата на автобуски линии, е и повеќе од неопходна.
„Токму тука лежи и причината за континуираниот пад на атрактивноста на јавниот превоз во Скопје, а со тоа и неколкукратно намалениот број на патници кои ги користат услугите на ЈСП и приватните превозници, за сметка на зголемувањето на употребата на автомобили што го прави неодржлив системот на јавен градски превоз. Од оваа студија очекувам да понуди нови решенија за системот на јавниот превоз кои ќе ја зголемат неговата популарност што недвосмислено води до пораст на бројот на патници кои го користат јавниот превоз“ нагласи Шилегов.
Оваа студија, објасни тој, за граѓаните ќе понуди нови автобуски рути, унапреден систем за наплата и унапреден возен ред што ќе биде во целосна согласност со потребите за мобилност на граѓаните во различни периоди од годината, викендите, празниците, но и дневните периоди усогласени со временските пикови, информираат од Град Скопје.
„Дополнително, студијата ќе ги вклучи и 2-те рути на брзиот автобуски транспорт БРТ, со алтернативни сценарија со една рута и без овие рути за периодот пред неговото пуштање во употреба. Временската рамка која е предвидена за реализација на овој проект е 12 месеци, односно Студијата треба да биде завршена до јуни 2022 година. Оттука, убеден сум дека за помалку од 2 години нашите сограѓани ќе можат во целост да ги почувствуваат придобивките од новата организација на јавниот превоз во Скопје“, рече денеска градоначалникот Шилегов.
Според Моше Хирш, генерален менаџер на РОМ Транспортејшн, нивната компанија во последниве 15-на години реализирала повеќе од 80 проекти низ светот, а сега се пред нов предизвик да се докажат.
Идната студија за реструктурирање на јавниот автобуски превоз во Скопје треба да опфати неколку клучни аспекти, вклучувајќи осврт на секторот јавен превоз во Скопје и работењето на автобускиот транспорт; студија за побарувачка и подготовка на план за нова мрежа на автобуски линии; оперативна стратегија, план за инвестиции и механизми за финансирање; институционална и регулативна рамка за јавниот превоз во Скопје со вклучување на постојните тарифи и билети.
Инаку, „Мета.мк“ во изминатиов период во неколку наврати пишуваше за намалувањето на бројот на превезени патници во скопскиот јавен превоз, за намалувањето на брзината на движење на автобусите, како и за намалената ефикасност на јавниот превоз. Наспроти намалувањето на атрактивноста за користење на градско-приградските линии, граѓаните сè повеќе се ориентираат кон користењето на индивидуален превоз при патувањата во рамки на градот.