fbpx

Во сообраќајниот хаос, јавниот превоз во Скопје секоја година ја намалува брзината на движење [инфографик]

-

Со околу 150.000 автомобили и десетици илјади други возила што секојдневно се движат по скопските улици, јавниот превоз во главниот град од година во година станува сè побавен за патниците. Набавката на нови возила од граѓаните низ годините и непрописното паркирање на автомобили на улиците го зголемува сообраќајниот метеж, кој пак предизвикува намалување на комерцијалната брзина на движење на автобусите на градско-приградските линии во Скопје.

Во 2019 година, комерцијалната брзина на движење на автобусите на ЈСП-Скопје изнесувала 18,39 километри на час. Во споредба со годината пред неа, брзината на патувањето со јавен превоз низ главниот град била минорно подобрена, но затоа пак пет години по ред, во периодот 2013-2018 година, таа постепено опаѓала. Во 2013 година, комерцијалната брзина на автобусите од скопскиот јавен превоз изнесувала 19,65 километри на час, покажуваат податоците од Годишните извештаи за работењето на ЈСП-Скопје низ годините.

Комерцијалната брзина на движење на автобусите е една од клучните карактеристики што го определуваат интересот на граѓаните за користење на јавниот превоз при своите патувања. Доколку автобусите доцнат на станиците или времето на патување на градско-приградските линии се зголемува, тогаш граѓаните што секојдневно го користат јавниот превоз ќе бидат повеќе заинтересирани да користат некое друго превозно средство (сопствен автомобил, такси превоз, велосипед итн.).

Статистичките податоци покажуваат дека заедно со намалувањето на комерцијалната брзина на движење на автобусите, во Скопје низ годините опаѓа и интересот за патување со автобус. Во 2020 година, автобусите на ЈСП и на приватните превозници превезле 27.709.556 патници, што е за речиси 30 милиони патници помалку во споредба со 2019 година.

И пред корона кризата, јавниот превоз во Скопје со години наназад има тенденција на намалување на бројот на патници. Со автобусите на ЈСП во 2014 година патувале 52,9 милиони патници, додека во 2019 година биле регистрирани 44,2 милиони патници од страна на Јавното сообраќајно претпријатие. Цената на билетите за користење на јавниот превоз во Скопје не е променета веќе неколку години. Покрај оваа поволност, граѓаните во меѓувреме добија електронски систем за наплата на билети, систем за информирање на патниците во реално време за линиите на автобуските постојки, нови начини за плаќање на билетот, но сите овие проекти не доведоа до зголемен број на патници во јавниот превоз.

Градот Скопје во моментов работи на две новини, за кои се очекува дека ќе ја зголемат брзината на движење на патниците, но и ќе овозможат поголема поврзаност на скопските населби со нови автобуски линии. Во моментов, Европската банка за обнова и развој врши евалуација на изработената Студија за новата мрежа на градско-приградски линии на територијата на Град Скопје. Постојните градско-приградски линии се минимално менувани во изминативе четири децении, иако до денешен ден граѓаните бараат подобри поврзувања меѓу одредени делови на Скопје со линии од јавниот превоз.

Вториот значаен проект е брзиот автобуски систем (БРТ-Скопје), за кој во моментов се изработува идеен проект за воведување на првата линија од Ново Лисиче до Ѓорче Петров. Со планирана комерцијална брзина од 19,2 километри на час и физички одвоената траса за автобусите по скопските сообраќајници, градските власти ветуваат дека меѓу Ново Лисиче и Ѓорче Петров ќе се патува со автобус за само 35 минути. Во иднина, ваква БРТ-линија би се вовела и од Кисела Вода до Бутел.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Млади иноватори изработија мобилна апликација за помош на дијабетичари

Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ се млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес за менаџирање на оваа состојба. Инспирирани од желбата да помогнат...