Контроверзниот член 175 од Законот за електронски комуникации станува член 60 од новиот Закон за следење на комуникациите, со новите измени што треба да го регулираат прислушувањето и да го заштитат од злоупотреби, во согласност со препораките од извештатите на експертската група на Рајнхард Прибе.

Членот 175, кој беше воведен во 2014 година, ги обврза телекомуникациските оператори да ги обезбедат сите неопходни технички услови за да ѝ овозможат на УБК да ги следи комуникациите во нивните мрежи. Уставноста и законитоста на членот беа оспорени и пред Уставниот суд, кој летово реши да поведе постапка за негово укинување, но не донесе конечна одлука. Во меѓувреме Владата побара од Уставниот суд да ја запре постапката, со образложение дека  веќе работи на реформи во безбедносниот систем.

Со измените, овој член сега се брише од Законот за електронски комуникации, но одредбите од него нема да исчезнат, туку прецизирани се пресликани во сосема новиот Закон за следење на комуникации.

Членот 60 од новиот Закон за следење на комуникации, во најголем дел е истиот член 175, со безмалку истите одредби, а главната новина и прецизирањето во него е воведувањето на Оперативно-техничката агенција (ОТА).

Ова значи дека сега ОТА ќе биде органот, а не УБК, кон кој операторите ќе имаат обврска:

  • Да ги обезбедат сите неопходни технички услови за да овозможат следење на комуникациите во нивните мрежи;
  • На сопствен трошок да обезбедат и одржуваат опрема, да воспостават електронски комуникациски водови за пренос до OTA, за да се овозможи спроведување на мерките за следење на комуникациите во нивната мрежа;
  • На сопствен трошок да обезбедат и да одржуваат опрема и соодветни медијациски уреди, кои овозможуваат рефлектирање на сигналот во ОТА;
  • Во случај кога операторите имаат воведено компресија или крипто-заштита на комуникацискиот сообраќај, должни се да ја отстранат, пред да ја достават содржината на следената комуникациска услуга до ОТА;
  • Операторите имаат обврска да ѝ овозможат на ОТА, спроведување на мерките за следење на комуникациите во реално време. Информацијата за следената комуникација треба да биде на располагање веднаш по завршувањето на комуникацијата, а следењето на комуникацијата треба да биде непрекинато за цело време на нејзиното траење;
  • Операторите имаат обврска да обезбедат точно и еднозначно поврзување на информацијата за следената комуникација со содржината на комуникацијата која се следи;
  • Операторите треба да обезбедат лицето чии комуникации се следат или друго неовластено лице да не забележи каква било промена во квалитетот на комуникациската услуга која може да биде предизвикана со спроведување на мерките за следење на комуникациите;
  • Функционирањето на следената комуникациска услуга треба да остане непроменето за лицето чии комуникации се следат;
  • Операторите треба да обезбедат иста или поголема сигурност и квалитет на следената комуникациска услуга од сигурноста и квалитетот на комуникациските услуги кои му се овозможени на лицето чии комуникации се следат.

Новиот закон за следење на комуникациите и измените на Законот за електронски комуникации,  како што е предвидено, треба да стапат на сила најдоцна до ноември 2018 година.