Шукова: Општините мора да имаат мерки против аерозагадување и да се посветат на нивна реализација

Во четири градови во земјава, Скопје, Битола, Куманово и Тетово се спроведува проект финансиран од Европската Унија, вреден 10 милиони евра, со кој ќе се заменат застарени системи за затоплување со еколошки во 70 јавни објекти, ќе се набават еколошки автобуси за Скопје и ќе се зголемат зелените површини во градовите

Извор: Фејсбук профил на 02 Иницијатива

Општините да имаат Планови за воздух и да спроведуваат мерки за справување со аерозагадувањето, апелираше денеска министерката за животна средина Каја Шукова. Таа информираше дека во четири градови во земјава, Скопје, Битола, Куманово и Тетово се спроведува проект финансиран од Европската Унија, вреден 10 милиони евра, со кој ќе се заменат застарени системи за затоплување со еколошки во 70 јавни објекти, ќе се набават еколошки автобуси за Скопје и ќе се зголемат зелените површини во градовите.

Сепак, како што потенцираше Шукова, и општините ќе мораат самите да инвестираат во заштита од загадување на воздухот и да им помогнат на домаќинствата, од каде доаѓа речиси половина од загадувањето, да изберат поеколошки начини на затоплување. Посочи дека Министерството помага во изработка на плановите и на катастри на загадувачи, а општините врз основа на нив и потребите на своите граѓани ќе треба да утврдат краткорочни и долгорочни мерки и да работат на нивна реализација.

„Голем број општини во рамки на нивните можности веќе ги помагаат домаќинствата со субвенции за набавка на инвертери и замена на системите за загревање. И Министерството и државата помагаат со проекти за замена на системите за затоплување кај јавните установи кои користат фосилни горива. Но, и граѓаните, секој посебно, треба да придонесуваат за намалување на аерозагадувањето. Да се внимава да се горат суви наместо влажни дрва  и да не се палат паркети, пластика или гума“, рече Шукова.

Таа посочи дека разбирање покажуваат и големите компании-загадувачи, кои прифаќаат да работат со намален капацитет во зимските месеци, кога квалитетот на воздухот е лош.

„На пример, Цементарницата Усје ја исклучи едната печка и во моментов работи само со една. Истото го направи и Макстил. Компаниите прават и ремонт на печките во зимскиот период, иако во лето им е веројатно и поекономично и полесно, но, сакаат да бидат општествено одговорни и да помогнат во намалување на загадувањето“, рече Шукова.