fbpx

Штрајк во Фондот за здравство: Нема исплата на боледувања и на породилно отсуство

ФЗО нема да врши исплата на сите кои имаат договор со ФЗО, а тоа е јавното здравство и огромен дел од приватното здравство. Штрајкот почна откако на 9 јануари со препорака од Владата се бараше намалување на платите од 21 процент, а вработените бараат платата да им биде во висина на декемвриската

-

Денеска почна штрајкот на вработените во Фондот за здравствено осигурување. Ќе нема исплата на боледувањата, породилнотo отсуство, барања за рехабилитација и ортопедски помагала, како и барањата за осигурување во странство, односно за двојазичните обрасци.

„Граѓаните ќе имаат рецепти и упати, но ќе нема плати во јавното здравство“, изјави Бранко Аџигогов, претседател на Синдикалната организација на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ).

Штрајкот почна откако на 9 јануари со препорака од Владата се бараше намалување на платите од 21 процент. Вработените бараат платата да им биде во висина на декемвриската, а јануарската сè уште ја немаат земено.

„Ќе се извршуваат само неопходните работни задачи, како пријава на малолетно лице како член во осигурување, регулирање на осигурување за хоспитализирано лице и лекување во странство за итни случаи. Сакам да кажам дека лекарските комисии кои ги продолжуваат боледувањата си продолжуваат непречено да работат. Не ни е идејата врз болни лица да ја тераме правдата“, рече Аџигогов.

Тој додаде дека не се врши исплата на сите кои имаат договор со ФЗО, тоа е јавното здравство и огромен дел од приватното здравство. Прекинати се договорите за вработување во јавно здравство, префрлувањата на договорите за јавно здравство и оние на кои со одлука треба да им се трансформира работниот однос.

„Во јавното здравство сега е пресметковен период, исто така и за буџетот, за капитациите. Сега за сега, во моментот не се работи ништо“, изјави Аџигогов на прашањето дали ќе има плати за вработените во јавното здравство.

Фото: Мета.мк

Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ) Трпе Деаноски вели дека ќе одат докрај, додека не ги добијат парите колку што изнесувала декемвриската плата.

„Не бараме ништо повеќе, бараме само да ни останат платите во оваа висина како што беа со декемвриската плата. Апелираме до Владата, на утрешната седница, на која веќе испративме допис до техничкиот премиер да отвори точка на дневен ред, да се разгледа ова наше барање, како што донесоа заклучок со препорака Управниот одбор да ги намали платите, да донесат нов заклучок со препорака да остане истата вредност на бодот, тоа е 77,16 денари, таа вредност да биде до крајот на оваа година“, рече Деаноски.

Тој реагираше на дописот од Министерството за финансии во кој се тврдеше дека ако се исплатат повисоки плати, нема да има лекови за граѓаните.

„Да не се случи уште еднаш такво нешто, да не се лаже јавноста бидејќи не личи државен орган, министерство, да игра на емоции на граѓаните и да ги лаже дека нема пари во ФЗО. Многупати сме кажале дека ФЗО е институција со најголем буџет во државата и Фондот секогаш има пари. Во моментов, вработените во ФЗО немаат земено плата и не можат да земат сè додека не се донесе одлука од Управниот одбор“, рече Деаноски.

Тој кажа и дека во март ќе има пораст на минималната плата, но тие нема да добијат усогласување со минималната плата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот за репарации за ропството

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот на државата дека треба да „плати“ за ропството и другите злосторства од колонијалната ера, велејќи дека нема планови за репарации, а наместо...