Гани Марку, осомничен за убиствата на Жила и Оки, не е на слобода, туку во ефективен притвор

Не е точно дека лицето Гани Марку осомничено за убиства е пуштено на слобода, туку се наоѓа во ефективен притвор. Документот во објавата е за постар предмет после кој поминале 6 месеци, ама веднаш  е определен нов притвор за понов предмет, така што Марку е во ефективен притвор

Фото: Исечок од рецензираниот Фејсбук пост

Не е вистина дека лицето Гани Марку осомничено за убиства е пуштено на слобода, туку се наоѓа во ефективен притвор. Документот во објавата е за постар предмет после кој поминале 6 месеци, ама веднаш е определен нов притвор е определен за понов предмет, така што Марку е во ефективен притвор, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме објави на социјалната мрежа Фејсбук (овде, овде, овде, овде, овде ) во кои се вели: „Пуштен на слобода е Гани Марку, осомничен за убиствата на Жила и на Оки“. Сите објави се однесуваат на првично објавена информација од Радио Лидер со документ во кој се изнесува дека „предлогот на ОЈО Скопје за укинување на мерката притвор за кривично дело убиство се усвојува“.

Се укинува мерката притвор определена против осомничениот Гани Марку определена со решение на овој суд во траење од 30 дена сметано од 08.08.2023 година до 07.09.2023 година, истиот продолжуван со решенија на Кривичниот совет на овој суд и со решенија на Апелациониот суд Скопје а кој трае до 04.02.2024 година поради постоење на основите предвидени во член 165 став 1 точки 1,2 и 3 од ЗКП, за кривично дело Убиство, пишува во текстот од судскиот документ.

Во објавите кои ги рецензираме базирано на овој документ пишува дека Марку е пуштен на слобода во периодот на техничката влада на премиерот од ДУИ, Талат Џафери и се опишуваат познатите факти околу убиствата на Орхан Бајрами Оки (кое се случи во Ханиоти, Грција) и на Јетон Кривањева познат како Жила, а кое се случи во Шиша Бар во близина на Старата скопска чаршија.

Меѓутоа, наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме дека лицето Гани Марку е пуштено на слобода, од Јавното обвинителство информираат дека информацијата не е точна.

Оваа информација не е точна. Лицето и понатаму е обезбедено со мерка притвор, велат од Јавното обвинителство за Вистиномер.

На прашањето на што се однесува документот во објавата, од Обвинителството додаваат:

Документот постои. Прекинат е притворот во еден предмет поради истек на шест месеци и веднаш е определен притвор по друг предмет. Лицето во моментов е во ефективен притвор. 

Некои од медиумите кои ја имаат објавено оваа дезинформација, ја имаат пренесено и информацијата од страна на обвинителството во која се вели дека веста за пуштање на слобода на Гани Марку не е точна. Но, тоа е сторено на друго место, во друга објава, што е спротивно на правилата на социјалната мрежа, според кои се бара да се изврши корекција директно во објавените/споделените содржини кои ја содржат дезинформацијата, за да се спречи нејзиното ширење низ социјалната мрежа и во медиумите, каков што е случајот овде.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистинита. Не е точно дека лицето Гани Марку осомничено за убиства е пуштено на слобода, туку се наоѓа во ефективен притвор. Документот во објавата е за постар предмет после кој поминале 6 месеци, ама веднаш  е определен нов притвор за понов предмет, така што Марку е во ефективен притвор.