(ГАЛЕРИЈА) Студентите на протест пред МОН: Бараме промени!

Студентите на протестот ги истакнуваат и проблемите со субвенционираниот студентски оброк и непочитувањето на зададените рокови и координираноста помеѓу одделенијата во институцијата

Започна протестот на студентите пред Министерството за образование и наука каде стотина студенти порачаа дека бараат промени.

Целта на протестот е да се истакне потребата од поголема ефикасност на институцијата, да се искаже револтот на студентите за ненавремента исплата на продолжените студентски стипендии, задоцнетите исплати на ваучерите за превоз и доцнењата со исплатите по склучувањето на спогодбите за ретроактивна исплата на стипендиите.

Студентите на протестот ги истакнуваат и проблемите со субвенционираниот студентски оброк и непочитувањето на зададените рокови и координираноста помеѓу одделенијата во институцијата.

Протестот е во организација на Универзитетското студентско собрание на УКИМ, а доби поддршка и од останатите студентски собранија од државата, како и од неколку студентски организации и неформални движења.

Министерството за образование и наука непосредно пред почетокот на протестот информираше дека сите ученички и студентски стипендии на постојните корисници за учебната, односно академска 2023-2024 година се исплатени заклучно со месец јануари. За новите корисници, пак, исплатата ќе се реализира во текот на неделата.

„Младите треба да се спокојни, сите средства кои им следуваат ќе им бидат целосно исплатени“, изјавија од Министерството.

Оттаму додаваат дека оваа Влада нема практика да укинува права, туку напротив, се заложува за унапредување на ученичкиот и студентскиот стандард и во таа насока.

„Воведени се нови категории на стипендии, а месечните износите на постојните се зголемени, за одредени категории и за над 80%. Воведен е субвенциониран студентски оброк и износот на истиот дополнително зголемен на барање на студентите. Воведовме и низа антикризни мерки со цел поддршка на воспитно – образовниот процес на младите и покривање на дел од трошоците. Наскоро ќе започне и етапната реконструкција на државните студентски домови“, пишува во соопштението.

Од Министерството за образование велат дека остануваат во комуникација со организациите кои ги застапуваат учениците и студентите и заедно и во иднина ќе ги носат одлуките кои ги засегаат.