Шпанската полиција изминатите неколку дена пребарала повеќе печатници и простории, барајќи ги гласачките ливчиња, кутиите и промотивните материјали за референдумот за независност на Каталонија, кој шпанскиот уставен суд го забрани, пренесува ХРТ.
Со потрагата по гласачкиот материјал, шпанската централна влада се обидува да го спречи одржувањето на референдумот закажан за 1 октомври, а кој каталонската влада планира да го спроведе и покрај одлуката на судот.
Каталонскиот претседател Карлес Пуџдемон, кој се соочува со судска постапка поради организирање на референдумот, рекол дека има повеќе од 6.000 гласачки кутии, но дека тие се наоѓаат на тајно место.
Државното обвинителство ја повикало каталонската полиција да го спречи одржувањето на гласањето, вклучително и заплена на гласачкиот материјал. Главниот секретар на синдикатот на каталонската полиција, Тони Кастехон, пак, изјавил дека тоа е како да се бара игла во стог сено, додавајќи дека во моментот не знаат ништо околу постоењето на гласичките ливчиња и кутии.
Каде се наоѓаат кутиите и како планираат да ги дистрибуираат на избирачките места, одбил да каже и портпаролот на каталонската влада.
Вчера повеќе од 700 од вкупно 948 градоначалници во Каталонија излегоа на улиците во Барселона да ја искажат својата поддршка за референдумот за незавиност, кој треба да се одржи за две недели.