Петти ден полицијата трага по 14-годишната Вања која исчезна во понеделникот околу 7.30 часот, откако се упати накај основното училиште „Ј. Х. Песталоци“ во центарот на Скопје. Според македонскиот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, од електронските уреди кои се прегледани во истрагата, полицијата добила корисни податоци кои може да помогнат во решавањето на овој случај.
Како што рече Спасовски, преземени и прегледани биле повеќе од 50 камери, сите податоци од Телеком операторите коишто можат да бидат важни, како и електронските уреди од девојчето и семејството. Исто така, биле сослушани десетици лица.
„Веќе имаме одредени податоци од овие електронски уреди коишто можат да бидат од корист на истрагата и целата оваа постапка. Секојдневно сме во комуникација или работиме заедно со родителите и со семејството“, рече министерот за внатрешни работи.
Во меѓувреме, се пребарувало и речното корито на Вардар и сите подрумски простории не само во околината, туку и малку пошироко.
„Се работеше на пребарување, односно добивање на податоци и информации од црквите, манастирите коишто се во близина на Скопје, така што има една опсежна активност и тука нема да се застане. Интензивно работиме“, рече Спасовски.
Тој потсети дека е формиран посебен штаб којшто работи заедно со родителите и пријателите на исчезнатото девојче, а неколку стотици полициски службеници, предводени од началникот на СВР Скопје, се вклучени во истрагата.
Системот „Сејв сити“ е целосно во функција, посочи министерот, и како што рече нуди низа на можности, како што се движење на возила, препознавање на регистарски таблици и утврдување на лица. Одделот за форензички испитувања за првпат после 30 години покрај пребарување по фингер принт ќе може да пребарува и по лица.
Министерот изрази благодарност кон медиумите за објективното информирање и за борбата против лажните вести кои се шират во медиумите и на социјалните мрежи.
„Сите профили што објавуваат какви било лажни вести се детектираат и сите тие ќе бидат, а дел веќе се повикани во полициска станица. Таму каде ќе се утврди дека ја загрозуваат безбедноста, односно истрагата и придонесуваат да има сериозна штета во јавноста, ќе се преземаат мерки заедно со јавниот обвинител“, рече Спасовски.