fbpx

Семејствата на загинатите кај Ласкарци: животите ни станаа пекол, бараме строга казна

Пред Кривичниот суд говореа и дел од родителите кои во оваа несреќа ги загубија своите деца, и кои рекоа дека во тек на овие пет години колку што трае овој судски процес, тие живеат во пекол и бараат правда и казна за обвинетите

-

Виновни се сите шестмина обвинети за несреќата кај Ласкарци, но секој од нив го негира тоа и постојано вината ја префрлуваат еден на друг. Обвинетите треба да бидат казнети, а покрај тоа треба и да им се изрече забрана за вршење на дејноста превоз на патници. Ова беа завршните зборови што беа кажани пред Кривичниот суд од обвинителот Дарко Јакимовски за автобуската несреќа која се случи во февруари 2019 година кај селото Ласкарци, во која животот го загубија 16 лица, а 38 беа повредени, пренесува Порталб.мк.

Претставникот на обвинителството Дарко Јакимовски денеска пред Кривичниот суд ги презентираше завршните зборови во врска со несреќата кај Ласкарци, кои во голема мера се исти како пристапот и тезите што ги изнесе на главната расправа на судскиот процес.

„Никој од обвинетите не негира дека е виновен, но, вината ја префрла на друг. Ако се анализира одбраната на петте првообвинети, тие го прогласуваат за виновен шестообвинетиот (возачот), а ако се анализира одбраната на шестообвинетиот, излегува како воопшто и да немало возач“, рече Јакимовски, критикувајќи го возачот затоа што тој во текот на целиот процес се бранел со молчење и не кажал ниту еден збор околу тоа зошто се случила несреќата.

Јакимовски, анализирајќи ги една по една тезите на сите обвинети, детално ги образложи причините за несреќата и следствено на тоа и вината на обвинетите.

„Сите докази што ги изнесе Обвинителството, како материјални така и вербални, меѓусебно се надополнуваат. По нивното целосно поврзување, доказите укажуваат на вистинските објективни причини за оваа трагедија. Нема докази кои би можеле да даваат друга светлина на овој настан. Всушност, дури и доказите што ги обезбеди одбраната донесоа делумно различни мислења, но тие се засноваат на исти факти“, рече Јакимовски.

Според обвинителот, обвинетите во континуитет не испочитувале низа законски обврски за безбедност и несреќата претставува акумулација на сите тие пропусти.

Обвинителот ги отфрли и супер вештачењата изготвени во врска со несреќата, нагласувајќи дека се полни со нејаснотии, а ангажираните вештаци се контрадикторни, и како што истакна, тие ги демантираа и нивните тези кои самите ги напишале во книгите околу пресметувањето на кочењето на автобусот и движењето на автобусот.

Поради оваа несреќа, покрај казната, обвинителот побара на сите обвинети да им се изрече и забрана за вршење на дејноста превоз на патници.

„На обвинетите не смее да им се дозволи да се занимаваат со оваа работа во иднина. Ним треба да им се изрече забрана за вршење на професијата и да не му се дозволи на ниеден од нив да има контакт со сообраќајот од кој било аспект“, додаде обвинителот.

Членовите на семејствата го подржуваат обвинителот и бараат казна за обвинетите

По долгите и детални завршни зборови на обвинителот, завршни зборови имаа и адвокатите на оштетените, кои кусо рекоа дека целосно го поддржуваат обвинението и бараат кривично гонење и максимална казна за обвинетите.

Пред Судот говореа и дел од родителите кои во оваа несреќа ги загубија своите деца, и кои рекоа дека во тек на овие пет години колку што трае овој судски процес тие живеат во пекол и бараат правда и казна за обвинетите.

„Ние нема да си ги вратиме децата, свесни сме за тоа, иако нашиот живот, на целото семејство, е претворен во пекол. Ништо не може да ја компензира нашата трагедија, ни материјално, ни не знам што. Сите обвинети треба да бидат прогласени за виновни. И вие имате деца, сите имаме деца, оставам на вашата совест да донесете навистина правична пресуда и строга казна за сите обвинети“, рече Благојче Трпевски, таткото на Јовица Трпевски, кој го загуби животот во несреќа.

Казна побара и Соња Аврамовска, мајка на починатиот Бобан Аврамовски.

„За сите обвинети барам да се донесе строга казна, имајќи ги предвид отежнителните околности за сите поради претходните кривични дела. Во овие пет години нашиот живот се претвори во пекол. Со своето неодговорно и незаконско работење тие доведоа до оваа трагедија“, рече Аврамовска.

Јасмина Михајловска, која поради несреќата има траен инвалидитет, рече дека има среќа што преживеала, но бара правда за сите кои ја немаа истата среќа.

„Во несреќата ја скршив кичмата и никогаш веќе нема да можам да одам нормално. За среќа преживеав. Ако не за мене, тогаш за тие 16 лица кои ја немаа мојата среќа, барам да бидат казнети сите шестмина обвинети“, рече Михајловска.

Максимална казна побара и Синиша Ристовски, братот на починатиот Дејан Ристовски, кој истакна дека виновни за несреќата се сите обвинети.

„Во мое име и во име на моите внуки Бисера и Петра, девојчињата кои толку малечки останаа без нивниот татко, и во име на мојата сестра, снаата и целото наше семејство, целосно се согласувам со Обвинителството и се приклучуваме кон обвинителниот акт, и бараме најстрого да ги казните“, рече Ристовски.

Адвокатите Кадиев и Сефери: Белули е невин

Одбраната на „Дурмо турс“, но и на самиот сопственик на фирмата, Дурмиш Белули, категорично ја негираат вината за несреќата, префрлајќи ја во целост вината врз возачот, кој, според нив, е одговорен за оваа несреќа.

Всушност, одбраната на Белули се заснова на теориите кои беа изнесени уште во текот на судењето, дека возачот воопшто не реагирал и дека тој е главниот причинител на несреќата.

„Несреќата ја предизвикал возачот затоа што не внимавал и никој друг не треба да биде виновен за ова“, рече адвокатот Дело Кадиев, додавајќи дека нема причинско-последична врска меѓу Дурмиш Белули и она за што е обвинет.

„Шестообвинетиот Маноил Трифуновски, возач на автобусот, од денот на несреќата реши да се брани со молчење. Во овој суд него имавме можност да го слушнеме само кога се изјасни дека не се чувствува виновен. Единствениот човек во оваа судница кој знае што се случило, кој го држел воланот во моментот на несреќата изјави дека не се чувствува виновен. Да, тоа е негово право, ние не го обвинуваме бидејќи тоа е работа на обвинителот, но нас нè интересира што се случило, тоа сакаме да го знаеме“, изјави Кадиев.

Другиот адвокат на Дурмиш Белули, Лавдрим Сефери, побара сопственикот на Дурмо Турс да биде ослободен од обвинението, бидејќи тој не е одговорен за несреќата и тоа го покажува и сообраќајното и машинското супервештачење.

„Дурмиш Белули не е убиец, тој не е причината за смртта на 16 наши сограѓани, тој не е виновен за физичките повреди на 38 други патници. Неговата одговорност беше исклучена со супервештачењата и од вештаците во корелација со многу други материјални и вербални докази. Дурмиш Белули можеби не бил идеален менаџер на фирмата „Дурмо турс“, и можеби не ги спроведувал стриктно членовите 13, 14, 15, 17 и 22 од Законот за работното време на мобилните работниците во патниот транспорт, но во секој случај истиот не е виновен и не може да биде виновен за предизвикување на несреќата. Поради ова барам ослободителна пресуда“, рече адвокатот на Белули, Лавдрим Сефери.

Завршни зборови пред Судот имаше и Белули, кој исто како и неговите адвокати рече дека не е виновен за несреќата.

Следното рочиште е на 21 декември, каде што ќе се слушнат завршните зборови на одбраната на второобвинетиот, а потоа и одбраната на останатите обвинети.

Автобуската несреќа се случи на 13.02.2019 година кога автобусот на „Дурмо турс“, кој се движеше на редовната релација Скопје-Гостивар, излета од автопатот кај селото Ласкарци. Животот го загубија 16 патници, а 37 беа повредени. Во овој судски процес обвинети се шест лица: сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорното лице за превоз во фирмата, Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Маноил Трифуновски, како и тројца вработени во станицата за технички преглед. Првите тројца се обвинети за тешки кривични дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека пак другите се обвинети за соработка во истото кривично дело.

„Дурмо турс“ и ден денес продолжува со работа и да превезува патници.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот за репарации за ропството

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот на државата дека треба да „плати“ за ропството и другите злосторства од колонијалната ера, велејќи дека нема планови за репарации, а наместо...