Пратениците Ферид Мухиќ, Африм Гаши и Зијадин Села на денешната собраниска седница рекоа дека вчера гласале за Законот за употреба на јазиците, a електронскиот систем не ги регистрирал.

Мухиќ, кој е пратеник од СДСМ, рече дека е целосно уверен дека Законот е добар за граѓаните и затоа гласал, иако на стенограмот не го пишува тоа.

– Ме прашуваат зошто не сум гласал, кога јасно се гледа дека кренав рака кога се гласаше по Бадентер. Она што се случило не може никој да направи како да не се случило. Со оваа изјава сакам да го изразам целото мое уверување дека овој Закон е уставен и е за доброто на сите граѓани и за државата – рече Мухиќ.

Иста забелешка имаше и Гаши од Беса кој додаде дека тој гласал и во првото и во второто читање и потенцираше дека го подржува Законот.

– Изразената волја на еден пратеник е поважна од електронското гласање. Гласав за овој Закон и стојам зад него. Дека гласав се гледа и на снимката за време на гласањето на немнозинските заедници кога кренав рака – рече Гаши.

Лидерот на Алијансата за Албанците, побара од собраниските служби да му достават видео материјали на кои се гледа дека тој гласа „за“.

– Барам подетално да се разгледа постапката на гласање. Тука бев преку целиот ден и гласав за Законот за употреба на јазиците. Јас за овој Закон гласав во секоја фаза, и за бадентеровото мнозинство кренав рака. Вие како претседател на Собранието ќе треба да го објасните ова. Сакам да им честитам на сите пратеници кои гласаа за Законот и на целото општество да му порачам дека преку овој закон сме побогати и поправични и дека овие средства не треба да се користат за лечење на фрустрации – рече Села.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, рече дека сега технички не може да се направи некаква исправка, но дека на снимките јасно се гледа дека пратениците гласале при второто гласање според бадентерово мнозинство со кревање на рака, бидејќи, како што рече, била истурена вода на електронскиот систем за гласање.