Се шири стравот од новиот сој на корона вирусот во светот, граничните рампи се спуштаат

Фото: Martin Sanchez на Unsplash

По подемот на новиот опасен сој на корона вирусот којшто потекнува од Јужноафриканската Република, во светот полека почнуваат да се ограничуваат можностите за патување, извести британскиот јавен радиодифузер Би-Би-Си.

Додека се чека негово „кратко“ именување, новиот сој сега е познат како B.1.1.529

Неговото ширење беше идентификувано оваа седмица и тоа ги натера Обединетото Кралство, Сингапор и Јапонија, но и други држави, да ги заострат критериумите за патувањата, односно за летовите од Јужна Африка и од соседните земји.

И ЕУ се подготвува да забрани летови од јужниот дел на Африканскиот континент, тврди Би-Би-Си.

Научниците се загрижени за новата варијанта, односно новиот сој на корона вирусот и порачуваат дека допрва треба да се утврдат многу работи за него. Светската здравствена организација (СЗО) вели дека ќе бидат потребни неколку седмици за да се утврди влијанието на новиот сој и неговата заразност.

Во однос на Северна Македонија, епидемиологот д-р Александар Стојанов смирува дека сепак треба да се почека и да се испита за што точно се работи.

„Ова допрва треба да се испита и види што е точно. Инаку, во природата на вирусите е да мутираат за да опстанат. Иедјата на вакцината е токму тоа, што повеќе луѓе во пократко време да се извакцинираат, за да не може да измутира вирусот. Онаа вакцина која беше проектирана за првиот вид вирус, беше најефикасна за тој топ вирус, а сега веќе како што мутира, така ефикасноста на вакцината паѓа, па сега треба да се прават нови вакцини. Тоа ви е исто како со антибиотиците, што повеќе антибиотици примате, станувате резистентен на нив“, вели д-р Стојанов.

Новиот сој е многу поразличен од сите досегашни соеви,вклучително и најновиот Делта сој што е широко присутен и во Северна Македонија, а научниците велат дека кај најновиот сој се забележани најголеми мутации, што би значело дека можеби сегашните вакцини кои се правени според првичниот сој, Алфа сојот, односно корона вирусот од Вухан, Кина, би можеле да се покажат помалку ефикасни.

Според СЗО, досега генетски се утврдени само помалку од 100 примерочни делови. Случаите се од Јужноафриканската Република, но и од Боцвана, Израел и Хонг Конг.

Во Хонг Конг вирусот се раширил и покрај хотелски карантин на лица што допатувало од Јужноафриканската Република.

Израелскиот премеир Нафтали Бенет денеска рече дека земјата „е на прагот на вонредна состојба“ и дека ќе се „дејствува бргу, силно и веднаш“ во поглед на новиот сој. Случај на новиот сој во оваа земја е регистриран кај патник што пристигнал од Малави, а има уште два сомнителни случаја.

Иако СЗО предупреди земјите да е избрзуваат со ограничувања на движење, сепак Обединетото Кралство, Јапонија и Холандија забранија летови од следниве африкански земји: Јужноафриканска Република, Боцвана, Намибиија, Зимбабве, Есватини (поранешен Свазиленд) и Лесото, пишува Би-Би-Си.

Италија, Израел и Сингапур покрај овие земји го додадоа и Мозамбик.

Претседателката на Европската Комисија порача денеска преку Твитер дека ќе предложи активација на заштитен механизам во поглед на земји од Јужна Африка, а Чехија објави дека од утре ќе забрани влез на своја територија на секој што минал најмалку 12 часа во погоренаведените земји.

Германија, која сега е во изблик на четвртиот бран на епидемија поради Делта сојот ќе дозволи во земјата да влезат само германски државјани што ќе допатуваат од земјите на југот на Африка, но без разлика дали се вакцинирани или не, ќе мора да минат 14 дена во карантин.