Извор на фотографија: СДСМ

Владејачкиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) денеска потврди дека нивните позиции во однос на македонскиот јазик и македонскиот идентитет се кристално јасни и многу пати досега се потврдувани и кажани во јавноста. Пратеникот од СДСМ, Костадин Костадинов денеска рече дека доколку Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не се сигурни во тоа и ако им треба потврда и во рамки на парламентот, тогаш тие како СДСМ ќе ја прифатат резолуцијата таква каква што е, односно каква што ја виделе од медиумите.

Пратеникот Костадинов рече дека од ВМРО-ДПМНЕ официјален предлог не бил доставен до нивната пратеничка група.

„Значи согласно Уставот ВМРО-ДПМНЕ треба официјално до секој пратеник да ја испрати резолуцијата, секако ние како одговорно мнозинство ќе ја прифатиме таква каква што ја гледаме во медиумите. Со тоа би сакал да ги известам и граѓаните и да соопштам дека избиваат на површина буквално сите лаги кои што ги пласира ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски во однос на национално предавство, во однос на загрозувањето на нашиот македонски јазик и македонски идентитет“, рече пратеникот од СДСМ, Костадинов.

Од Демократскиот сојуз (ДС) денеска излегоа со соопштение во кое побараа консензус при носењето на Резолуција или Декларација во Собранието на РСМ, со очекување за подобрување на текстот на предложената Резолуција, односно од ДС сметаат дека треба да се усвои Резолуција за стратешките државни и национални интереси поврзани со евроинтеграциските процеси.

Инаку, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на прес-конференција во петокот информираше дека неговата партија во Собранието на РСМ ќе предложи Резолуција, со која ќе ги дефинира македонските ставови во преговорите со Бугарија.