фото: ВМРО ДПМНЕ

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи до Собранието резолуција во која ќе се дефинираат македонските позиции во преговорите со Бугарија, најави на денешната прес конференција, претседателот на партијата, Христијан Мицкоски.

Мицкоски очекува широка општествена поддршка за резолуцијата на која не требало да се гледа како резолуција на ВМРО-ДПМНЕ.

Во предложениот текст на резолуцијата, меѓу другото, ВМРО-ДПМНЕ оценува дека европската иднина на С.Македонија е заглавена, дека од ден на ден спорот со Бугарија се продлабочувал, а Владата „тргува со нови идентитетски обележја, историски периоди, македонски херои, македонскиот јазик“.

На изјавите на Мицкоски, од СДСМ одговорија дека „сѐ што прави Христијан Мицкоски е против државните и национални интереси“.
„Македонскиот јазик и македонскиот идентитет се меѓународно потврдени и признаени и нема потреба од било каква расправа за тие прашања особено не во македонското собрание. Политичар како Мицкоски кој ги кочи интегративните процеси на државата не може да понуди никаква европска агенда. Очигледно е дека тој ќе измисли сѐ, само да ги блокира тековните мерки и политики што носат придобивки за граѓаните и државата“, стои во партиското соопштение на СДСМ.