fbpx

САД: Украина „ефикасно“ користи касетни бомби

САД се согласија да ѝ достават касетна муниција на Украина, откако земјата предупреди дека ѝ снемува муниција за време на летната контраофанзива

-

Белата куќа потврди дека Украина користи американски касетни бомби против руските сили во земјата. Портпаролот за национална безбедност на САД, Џон Кирби рече дека првичните повратни информации укажувале оти касетните бомби се користат „ефикасно“ врз руските одбранбени позиции и операции, пренесува Би-би-си.

Касетните бомби се распрскувачки бомби кои се забранети во повеќе од 100 држави, поради нивната закана за цивилите.

САД се согласија да ѝ ги достават на Украина, откако земјата предупреди дека ѝ снемува муниција за време на летната контраофанзива, која се покажа како побавна и поскапа од очекуваното.

Американскиот претседател Џо Бајден тогаш одлуката ја нарече „многу тешка“, а сојузниците Велика Британија, Канада, Нов Зеланд и Шпанија се спротивставија на употребата на касетната муниција.

Украинските власти ветија дека ќе ги користат бомбите само за отстранување на концентрациите на руски војници.

Инаку, откако ја започна својата инвазија врз Украина минатата година, Русија користи слични касетни бомби во земјата, вклучително и во цивилни области. Реагирајќи на одлуката на САД да ги испратат бомбите, рускиот претседател Владимир Путин рече дека неговата земја има слично оружје и дека тоа ќе биде употребено.

Во меѓувреме, Русија продолжи со нападите врз Одеса и изминатата ноќ, при што гувернерот на Одеса, Олех Кипер на Телеграм информираше дека целите, од пристанишните структури, биле префрлени на земјоделски претпријатија.

Русите ја нападнале Одеса со крстосувачки ракети „Калибр“ од Црното Море, пренесе „Гардијан“, при што проектилите биле исфрлени на минимална висина со цел да се избегнат украинските системи за противвоздушна одбрана.

Три ракети погодиле претпријатие во кое била оштетена земјоделска и спасувачка опрема, биле уништени 100 тони грашок и 20 тони јачмен, додека со повреди завршиле двајца вработени.

Украинската државна новинска агенција Укринформ објави дека Русија нападнала инфраструктурен објект во областа Полохив во регионот Запорижја, при што загинале четири лица, а двајца биле повредени.

Во изминатото деноноќие, двајца загинати има и во руските напади на селата Костјантинивка и Розлив во Донецката област.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Одбележани 121 година од смртта на Гоце Делчев

Претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Сиљановска Давкова положија цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св.Спас“, по повод 121 годишнината од неговото загинување. „Никој нема право да се...