Најмалку четворица цивили загинаа, а осум се повредени откако руските сили изминатава ноќ погодија станбена зграда во градот Запорижја, пренесува Укринформ. Објектот бил погоден со ракети од систем за противвоздушна одбрана С-300, при што истиот бил делумно срушен, а настрадале и околни згради и автомобили. Украинското обвинителство во Запорижја отвори истрага за извршениот ракетен напад.
Цивилни жртви во изминатово деноноќие се регистрирани и во други делови на Украина. Најмалку еден цивил загинал, а пет се повредени во руските напади врз населени места во Донецкиот регион. Загинатите и повредени лица се од градот Бахмут, каде Русија води интензивни борби за негова окупација.
Херсонскиот регион во последните 24 часа бил гаѓан во 87 наврати од руската војска, при што биле користени ракетни системи, артилерија, тенкови и дронови за нападите. Над 500 ракети паднале во населените места во овој регион, при што биле повредени 11 жители, пишува Укринформ.
Покрај цивилните жртви, податоците на Генералштабот на украинската армија за изминатово деноноќие се дека загинале 715 руски војници, со што вкупниот број на лица што Русија ги изгубила од почетокот на воената агресија во Украина се искачил на 150.605, пренесува Укринформ.
Инаку, американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска се сретна со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Разговорот траел помалку од 10 минути на маргините на состанокот на Г-20 во Њу Делхи, информираше претставник на американскиот Стејт департмент, пренесува Гардијан.
Блинкен му повторил на Лавров дека Вашингтон е подготвен да ја поддржи одбраната на Украина онолку долго колку што е потребно. Ова е нивен прв разговор лице во лице од пред руската инвазија на Украина што започна на 24 февруари 2022 година.
Блинкен, исто така, повика официјална Москва да ја повлече својата одлука да го суспендира учеството во нуклеарниот договор со САД и да го ослободи притворениот американски државјанин Пол Вилан.
Лавров не ја спомена средбата за време на прес-конференцијата што ја даде по состанокот на министрите за надворешни работи на Г-20.
Во меѓувреме, германскиот канцелар Олаф Шолц ја предупредува Кина да не испраќа оружје во Русија. Тој ја повика Кина да не испраќа воена помош на руската војска во Украина. Наместо тоа, Шолц побара од Пекинг да изврши притисок врз Москва за да ги повлече своите сили од Украина, пренесува Гардијан.
„Мојата порака до Пекинг е јасна: искористете го вашето влијание во Москва за да поттикнете повлекување на руските трупи. И не испорачувајте никакво оружје на агресорот Русија“, изјави Шолц.