Ривалот на Твитер создаден од Инстаграм пристигнува наскоро

Внатрешниот код според кој се развива апликацијата е „Project 92“ (Проект 92), додека неговото јавно име би можело да биде „Threads“ (Нишки)

Photo by Rob Hampson on Unsplash

Компанијата „Мета“ на своите вработени им ги покажала плановите за социјалната мрежа што ќе биде базирана на текст и е дизајнирана за да се натпреварува со Твитер, јави Би-Би-Си.

Портпаролот на „Мета“ за Би-Би-Си потврдил дека ваква платформа е во развој.

„Истражуваме самостојна децентрализирана социјална мрежа за споделување на текстуални содржини. Веруваме дека постои можност за посебен простор каде креаторите и јавните личности можат да споделуваат навремени ажурирања за нивните интереси“, изјавил портпарол на „Мета“.

Според информациите, во тек е програмирањето на платформата. Технолошкиот гигант има за цел да ја објави социјалната мрежа наскоро, но конкретен датум засега не е даден. Очекувањата се оти лансирањето може да се случи кон крајот на месецов.

„Врџ“ објави првични фотографии од тоа како ќе изгледа новата социјална мрежа. Според овој медиум, новата апликација ќе се базира на Инстаграм и ќе се интегрира со „ActivityPub“ – децентрализираниот протокол за социјални медиуми. Ова ќе им овозможи на корисниците на апликацијата да ги носат своите сметки и следбеници со себе и во други апликации кои го поддржуваат „ActivityPub“ протоколот, вклучувајќи ја и платформата Мастодон.

Главниот директор за производи на „Мета“, Крис Кокс, најавената апликација ја нарекол „нашиот одговор на Твитер“.

Внатрешниот код според кој се развива апликацијата е „Project 92“ (Проект 92), додека неговото јавно име би можело да биде „Threads“ (Нишки), објави „Врџ“ повикувајќи се на внатрешни документи на компанијата што новинарите ги погледнале.

Бројни новоотворени платформи во последниве месеци се обидоа да „профитираат“ на грбот на Твитер, откако социјалната мрежа се бори со зачестени прекини, враќање на контроверзните корисници, платени верификувани сметки и пад на бројот на огласувачи.

Новата социјална мрежа на „Мета“ би можела да има предност пред останатите поради огромната корисничка база на другите платформи, како што е Фејсбук кој брои две милијарди корисници.