fbpx

Рилкоски: Не сум оптимист дека бројни слабости ќе бидат отстранети до изборите

-

Во сите претходни изборни циклуси се детектирани бројни слабости, но не сум оптимист дека тие во целост ќе бидат отстранети за претстојните парламентарни избори, кои ќе се одржат наредната година, вели претседателот на Државната изборна комисија, Никола Рилкоски.

– Ненавремениот увид во избирачките списоци, влијанието и притисоците од политичките партии врз гласачите и членовите на избирачките одбори, притисоците и манипулациите што се вршат врз гласачите од ромска националност, се само дел од најчестите пропусти утврдени во текот на изминатите изборни процеси – додава Рилковски во интервју за порталот „Охрид њуз“.

Рилкоски смета дека еден дел од пропустите ќе се отстранат со дополнителни обуки и со договарања. Но, друг дел – многу тешко, особено во оној дел каде партиите имаат задача да дејствуваат кај граѓаните. Според него, тоа зависи од волјата на партиите да ја водат работата така како што треба за да се запазат демократијата и законот. Тука, вели Рилкоски, ниту ДИК, ниту други органи можат да имаат особен придонес.

Како позитивни измени и дополнувања на изборниот законик, Рилкоски ги наведува измените при изборот на пратеници од дијаспората, како и новината при гласањето, односно тоа што идентификацијата на гласачите на денот на изборите ќе се врши и преку нивна фотографија во избирачките списоци.

Рилкоски вели дека водејќи се од искуствата од минатите изборни процеси, не е оптимист дека наредните избори ќе поминат во фер и демократска атмосфера. Верба има единствено во меѓународната заедница, како што истакнува, со чија помош  Македонија би можела да се приближи кон спроведувањето фер и демократски избори.

Според дополнувањето на изборниот законик, Државната изборна комисија во сегашниот состав ќе функционира до крајот на овој месец. Наместо седум члена, идниот состав на ДИК ќе брои девет членови, и тоа по три предложени од политичките партии и три неутрални членови, односно експерти.

– Претседателот и потпретседателот ќе бидат избрани од предложените тројца неутрални членови на комисијата.  Почна да тече рокот од осум дена за пријавување. Јас, евентуално, ќе бидам меѓу предлозите од политичките партии, така што одлуките и решенијата во наредниот период ќе се носат во консултација со политичката партија – вели Рилкоски.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Полицијата насилно го задуши про-палестинскиот протест на Универзитетот Калифорнија

Стотици полицајци влегоа на кампусот на Универзитетот Калифорнија (УКЛА) денес во обид да го расчистат про-палестинскиот протестен камп, кој вчера беше нападнат од израелски поддржувачи, пишува Гардијан. Се проценува дека...