fbpx

Респираторните вируси кај децата не се последица на труење од воздухот

-

Теоријата на заговор за „кемтрејлс“ сега воскреснува во контекст на респираторниот синцициски вирус, но и други респираторни вируси кои изминатиот период ги наполнија болниците. Тоа, според лекарите, се должи на „заспаниот имунитет“ кај децата поради ковид-пандемијата, кога сите деца носеа маски и беа на онлајн настава, односно немаа многу физички контакти. Тие велат дека главно пренесувањето на синцициски вирус се прави преку воздухот, кашлањето, кивањето, секрет на респираторниот тракт, а носењето маски што го имаше за време на пандемијата исто така може да биде заштитна мерка за овој вирус, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Пост на Фејсбук тврди дека труењето од воздух било причина за сè поголемиот број заразени деца со респираторен синцициски вирус (РСВ). Ова не е точно.

Труењето од воздух “науката” го нарече синцицијален вирус ?!?
А вие садисти гледајте како ви ги трујат децата, ќутете си и “лечете” ги од “синЦИЦИјален” вирус” !!!, пишува во објавата.

Во овој пост уште еднаш е афирмирана шпекулацијата за „кемтрејлс“ (Chemtrails), според која влади и разни други неименувани фактори од разни држави, се ангажирани во тајна програма за распрскување отровни хемикалии во атмосферата со помош на авиони. Според заговорниците, долготрајните траги на небото што остануваат по прелетувањето на некои авиони се исполнети од хемикалии, и кога тие ќе паднат на земјата, предизвикаат здравствени последици по сите граѓани. Главниот аргумент што поборниците на оваа теорија на заговор се обидуваат да го претстават како доказ, се трагите што зад себе ги оставаат авионите, иако станува збор за обична физичка појава на кондензација, а не заговор против човештвото и тајна програма за распрскување отрови.

Според истражувачите од Универзитетот Харвард од САД, кои проучувале вакви заговорнички теории, не е најден „ниту еден веродостоен доказ дека кемтрејлс постои“.

Во врска со истата тема. „Форбс“ објави студија, според која панел од 76 хемичари и научници од Универзитетот Ирвин, Калифорнија, изјавиле дека никогаш не дошле до докази оти постојат големи програми за хемиско прскање од авиони, со цел да се наштети на здравјето на граѓаните и со цел да се влијае на атмосферата. 

Според оваа студија, причината поради која трагите од авионите остануваат видливи е бидејќи тие летаат на поголеми височини отколку порано, што резултира со кондензациски траги, кои траат подолго време. Тоа што трагите од авионите се вкрстуваат е само и единствено доказ дека има зголемена фреквентност на авиосообраќајот, што е и примарната причина некои од нив да мораат да летаат и на поголеми височини.

Во екот на ковид пандемијата, оваа теорија на заговор со наводно прскање отрови од небото преку авиони, беше злоупотребувана  за да се дезинформираат граѓаните дека ковид не е вирус, туку дека е последица на тие отрови.

Теоријата на заговор за кемтрејлс сега воскреснува во контекст на респираторниот синцицијален вирус, но и други респираторни вируси кои изминатиот период ги наполнијај болниците. Тоа, според лекарите, се должи на „заспаниот имунитет“ кај децата поради ковид-пандемијата, кога сите деца носеа маски и беа на онлајн настава, односно немаа многу физички контакти.

Педијатарот Ангелчо Андоновски дополнително ги објаснува причините за ескалација на вирусите.

Вектор преносливост во затворени простории без оглед на вентилацијата која секако дека е многу контаминирана. Недолекување на веќе болните деца и воедно нивно носење во градинки и училишта. Доста ослабен имунитет кај децата, некои сакаа да го прикажат како заспан, но сепак ќе наведам дека имунитетот е ослабен токму поради немање природен поттик на севкупниот имунолошки механизам, па затоа дојде и до негово слабеење. Едноличната и нездрава храна. Непочитување на протоколите за имунизација и навремена имунизација. Всушност, огромен број причини поради кои ни се случува овој ураган од разболени деца во овој период, со што се намали бројот на деца во градинките и училиштата, а се зголеми бројот на деца што посетуваат амбуланти и педијатриски одделенија. Ќе дадеме едно објаснување кое секако ќе биде корисно за родителите и ќе имаат предвид кога да реагираат навремено, бидејќи секако дека има потреба од брза реакција за да не дојде до појава на несакани последици, објаснува педијатарот Ангелчо Андоновски.

Респираторниот синцициски вирус припаѓа на родот пневмовируси и фамилијата Paramyxoviridae. Тоа се РНК вируси. Изворот е заразено лице или носител на микроб. Вирусот се пренесува преку воздух.

Тоа е најчеста причина за респираторни инфекции кај деца до 2 години. Се карактеризира со пневмонија, бронхиолитис со тешка опструкција и други респираторни инфекции. Можат да се појават и тешки форми, што доведува до фатални опструкции на бронхиолите.

Најкарактеристични симптоми се кашлање, секрет од носот и кивање. Најпогодени од респираторниот вирус се бебињата, посочува за ТВ21 педијатарот Фитим Реџепи.

Станува збор за вирус кој најмногу ги заразува бебињата од вториот до шестиот или осмиот месец. Го зафаќа долниот дел на респираторниот тракт, предизвикувајќи кашлање, секрет од носот и кивање, а во потешки форми имаме и отежнато дишење. Детските болници, и во Скопје и во Тетово се преполни со деца со исти симптоми. Главно пренесувањето на овој вирус се прави преку воздухот, кашлањето, кивањето, секрет на респираторниот тракт, а носењето маски што беше и за време на пандемијата исто така може да биде заштитна мерка за овој вирус, вели тој.

Овој вирус беше активен и лани овој период и тоа не само кај нас, туку и во Нов Зеланд, Австралија, Велика Британија и САД. И тогаш педијатрите посочуваа дека ширењето на болеста кај децата се должи на т.н. имунолошки долг- состојба во која луѓето не развиваат имунитет на други вируси поради заштитата која ја наметна пандемијата на ковид-19.

Феноменот на имунолошкиот долг се случува поради тоа што мерките како карантини, редовно миење раце, социјално дистанцирање и маските, не се ефективни само при спречување на ковид-19. Тие исто така го спречуваат ширењето и на други болести кои се пренесуваат на сличен начин, вклучително и обичната настинка, и помалку познатите респираторни болести како РСА.

Од сето изнесено погоре можеме да заклучиме дека не постојат никакви труења од воздухот поради кои луѓето се заразуваат, а уште помалку дека такви труења предизвиикуваат појава на респираторниот синцицијален вирус. Овој вирус не е ништо ново, но последниве две години напаѓа со зголемен интензитет поради „заспаниот“ имунитет кај децата предизвикан од ковид-пандемијата.

Според тоа, постот што го анализираме го оценуваме како невистинит.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Почина Велибор Џаровски – Џаро

По кусо боледување, денеска на 75 години почина Велибор Џаровски-Џаро, еден од најпознатите менаџери на просторите на бивша Југославија. Здравко Чолиќ, Мишо Ковач, Маја Оџаклиевска, Оливер Драгојевиќ, „Бијело дугме“, Тереза...