Пратениците во Собранието денеска на пленарна седница ќе расправаат за ребалансот на буџетот за 2017 година. Седницата ќе почне во 10 часот, а освен буџетот, на дневен ред има уште шест точки. Пратениците имаат можност пет дена да расправаат за буџетот, кој се очекува да биде изгласан в недела, на 6 август.
Пред почетокот на седницата, на која расправата за буџетот е прва точка, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека владејачкиот СДСМ со ребалансот на буџет скратува 5,6 милиони денари од средствата наменети за изградба и за опремување на детски градинки, средства со кои можеле да бидат опремени и отворени пет до шест нови детски градинки.
Од опозициската партија, исто така, додаваат дека од 840 амандмани, на комисиската расправа биле разгледани само 62, а ниту еден не бил прифатен.
Според министерот за финансии, Драган Тевдовски, ребалансот не е нов буџет, туку прилагодување на тековниот буџет.
– Поради тоа, за реализацијата на неговата основна цел, постојат и неколку ограничувања. Прво ограничување се преземените, а неплатени обврски од минатото. Второ ограничување се веќе склучените договори за тековни или идни проекти, за кои, ако се раскинат, државата ќе треба да плаќа пенали – изјави Тевдовски на комисиската расправа.