Фото: U.S. Navy, LT Rob Kunzig

Македонски и американски армиски командоси на Криволак вчера ја завршија вежбата „Тројанска стапка 21“ („Trojan Footprint 21“), на која на полигонот прв пат учествуваше и авион за блиска воздушна поддршка АЦ-130Ј на американското воено воздухопловство.

На Криволак „волци“ од Баталјонот на специјални сили на АРМ и „зелени беретки“ од 1.баталјон, 10 група на специјални сили на Армијата на САД извежбуваа содејство во специјални операции, меѓу кои блиска борба и борба во населени места, специјално извидување…

Американските сили подготвија и видео од активностите на вежбата.

Командосите извежбуваа и наведување блиска воздушна поддршка од авион АЦ-130Ј „Гоустрајдер“ на 325. сквадрон за специјална тактика на американското воено воздухопловство, вооружен со хаубица од 105 милметри и топ од 30 милиметри. На денот за високи гости, пред амбасадорката на САД Кејт Брнз и началникот на Генералштабот на АРМ генерал потполковник Васко Ѓурчиновски, војниците од земја за прв пат во историјата на полигонот наведувале оган од американскиот авион за блиска воздушна поддршка.

„Trojan Footprint 21“ е годишна вежба на американската Команда за специјални операции-Европа што годинава од 4 до 14 мај се изведе во Македонија, Романија, Бугарија, Црна Гора и Грузија, а учествуваа вкупно 10 НАТО и партнерскиз земји. Тоа е една од двете вежби на специјалните и силите за специјални операции на НАТО кои истовремено се одржаа во Европа, а се во склоп на масивниот комплекс вежби „Европски бранител 21“ („Defender Europe 21“), каде што од Балтик до Балкан учествуваат повеќе од 28.000 војници од 27 нации.