„Денеска цела земја слави, а ние се собравме да им оддадеме спомен на членовите на нашите семејства кои беа изгорени пред две години овде во модуларната болница“, со овие зборови денеска започна протестот што го иницираа роднините на 14-те загинати лица во пожарот во тетовската модуларна болница што се случи пред две години.
„Корупцијата убива! Сите политичари зборуваат за интеграција во ЕУ, но човечкиот живот не се почитува. 14 жртви, нула дена затвор. Судството и обвинителството се дел и бранители на организираниот криминал, корупцијата, злото и олигархијата“, изјавија денеска роднините на жртвите во модуларната болница.
Членовите на семејствата преку денешниот протест побараа да се отвори судска постапка за причините за пожарот, повторно да се постапи и да се преиспитаат решенијата од прелиминарниот претрес во судот во Тетово, како и да се разреши главниот обвинител Љубомир Јовески, заедно со главниот обвинител во Тетово, Бесир Алиу и обвинителите Зорица Павловиќ, Дејан Петрески, Ханефи Амети и другите инволвирани во ова кривично дело.
„И денес како и пред две години, се уште ни се свежи во сеќавање нивните врисоци и плачот, беа изгорени пред нашите очи и бевме немоќни да ги спасиме. Тие денес не се меѓу нас само затоа што не се почитуваа градежните стандарди. Се обидоа да не исплашат и замолчат вреднувајќи ги нивните животи со неколку илјади евра, а се обидоа да ги сокријат вистинските виновници за оваа трагедија. Црниот чад што го прекри градот таа ноќ, денеска ја покрива правдата на оваа земја“, децидни се членовите на жртвите.
На денешниот протест се потенцираше дека довербата во правосудниот систем во земјава е нула, а животот на граѓаните постанал заложник на пазарења и тендери без никакви критериуми, кои служат само за материјална корист.
Обраќањето од членовите на семејствата на загинатите беше прочитано токму на локацијата каде што се наоѓаше тетовската модуларна болница. Протестниот марш продолжи на улиците на Тетово, а на него се придружија стотици жители на градот. Крајната дестинација на протестот беше Основниот суд во Тетово.
Граѓаните се приклучија на протестот со транспаренти „Обвинителство+Судство=Злосторничко здружување“, „За корумпирани обвинители само ОНКОЛОГИЈА“, „Правдата е фејкњуз овде“ и „32 години КОРУПЦИЈА“, поддржувајќи ги барањата на членовите на семејствата кои ги изгубија своите најблиски во пожарот во модуларната болница.
Денес се навршуваат две години од пожарот во модуларната болница во Тетово што се случи на 8 септември 2021 година, кога животите ги загубија 14 луѓе, а десетина лица беа повредени. Најголемиот дел од починатите беа пациенти, кои беа на болничко лекување поради ковид-19, а двајца беа членови на семејствата на болните.
Инаку, и по две години, првостепениот судски процес во тетовскиот основен суд заврши само со две условни казни, една парична казна и две ослободителни пресуди. Оваа неправосилна пресуда беше изречена за двајцата директори на Клиничка болница Тетово, Фљорин Бесими и Артан Етеми за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“ и докторот Бобан Вучевски за кривично дело „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“, додека правното лице ЈЗУ Клиничка Болница Тетово беше судено за кривичните дела „предизвикување на општа опасност“ и „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“.
Инаку, Обвинителството сè уште работи на предистражна постапка околу тендерот за набавка на модуларните болници, но засега не се гледа судска разрешница за овој случај.
[…] „Денеска цела земја слави, а ние се собравме да им оддадеме спомен на членовите на нашите семејства кои беа изгорени пред две години овде во модуларната болница“, со овие зборови денеска започна протестот што го иницираа роднините на 14-те загинати лица во пожарот во тетовската модуларна болница што се случи пред две години, пренесува агенцијата Мета. […]
[…] Portalb.mk sy Meta.mk tany am-boalohany ity lahatsoratra ity. Navoaka eto indray ny dika nasiam-panovana noho ny […]