Производите од фабриката „11 Oктомври“ ќе се вратат на рускиот пазар

Фабриката за заварени цевки „11 Октомври“ од Куманово ќе се обиде да се врати на рускиот пазар со помош на деловните асоцијации од Русија со кои Македонско-руската стопанска комора има воспоставено блиски контакти.

Ова беше истакнато при денешната посетата и разговорите на извршниот директор на Македонскo-руската стопанска комора, Дејан Бешлиев, со менаџерскиот тим на најголемата кумановска фабрика.

Во нејзините погони се произведуваат разни типови заварени челични цевки и профили, кои наоѓаат примена во повеќе делови од стопанството.

Компанијата ги поседува сите неопходни стандарди за квалитет, а за нивната имплементација можеби најдобро зборува фактот што рекламации за нивните производи воопшто нема.

– Извезуваме најмногу во Германија, Италија, Шпанија, Холандија, но и во земјите од регионот. Имаме врвен квалитет, но со ниски цени за европскиот пазар што е резултат на големата конкуренција. На домашниот пазар нашите цевки ќе бидат употребени за изградбата на гасоводот на трасата од Штип преку Неготино до Битола и од Скопје, преку Тетово до Гостивар, за што ќе бидат произведени 16.000 тони заварени цевки – истакна Страхил Пановски, извршен директор на ФЗЦ „11 Октомври“.