Украина, Полска и Литванија постигнаа договор кој би требало да го забрза извозот на жито од Украина, од што придобивки би имала не само Украина, туку и земји надвор од Европа, соопшти украинското Министерство за земјоделство.
Според договорот, инспекциските и царинските проверки наместо на украинско-полската граница, ќе се вршат во литванското пристаниште Клаипеда, на Балтичкото Море. Тоа ќе предизвика полесен и побрз транспорт на украинското жито преку Полска.
Од друга страна, Европскиот парламент (ЕП) со мнозинство гласови, попладнево усвои резолуција со која за Украина ќе се формира фонд од 50 милијарди евра, пари што ќе се даваат како финансиска поддршка во текот на војната и во пост-воената обнова, јави украинската национална новинска агенција Укринформ.
ЕП со резолуцијата всушност ги поддржа предлозите на Европската комисија да се направи ребаланс на повеќегодишниот (2021-2027) буџет на ЕУ и да се одвојат 50 милијарди евра за Украина.