Проектот за енергетска ефикасност на студентските домови ќе чини 24 милиони евра

Дел од реновираниот ентериер на студентскиот дом Гоце Делчев | Фото: Арбнора Мемети

Проектот „Енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови во Република Северна Македонија“, ќе чини околу 24 милиони евра, а рокот за реализација на овој проект е 2025 година, соопшти денеска владиниот портпарол Мухамет Хоџа на новинарско прашање на Мета.мк.

„Средствата за овој проект за 2021 година се предвидени во предлог буџетот за 2021 година на Министерството за образование и наука“ изјави Хоџа, при што додаде дека проектот претставува капитална инвестиција, со цел да ги подобри условите за учење и комфор на студентите.

Проектот се однесува на реконструкција, односно зголемување на енергетската ефикасност и модернизација на студентски домови во државна сопственост и тоа во: Скопје, Прилеп, Битола, Охрид и Штип. Приоритет во проектот ќе му се даде на студентскиот дом „Стив Наумов“ во Скопје.

Заедно со обновата на енергетската ефикасност на зградите и структурното зајакнување, основните мерки за удобност ќе бидат суштински дел од Програмата, како што е реновирање на санитарни инсталации, обнова на електрична опрема, безбедносни мерки, стандардни работни соби, итн. со цел да се подобри средината за живеење и учење за студентите.

Усвојувањето на информацијата за овој проект беше соопштена вчера по владината седница.