Фото: Мета.мк

Работната недела во главниот град започна и завршува со сообраќаен хаос. Превозниците од приватните „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ утрово повторно го блокираа сообраќајот во Скопје, овој пат на булеварот „Илинден“, што создаде колони од возила на повеќе улици.

Приватните превозници од 6 часот наутро ги блокираа двете крајни десни сообраќајни ленти во двете насоки на движење, на потегот од крстосницата со булеварот „Св. Климент Охридски“ до крстосницата со булевар „8ми Септември“.

Приватните компании ја спроведоа најавената блокада откако му дадоа ултиматум на Град Скопје да го исплати наводниот долг што го има кон нив. Од „Слобода превоз“ неколку пати нагласија дека ЈСП им должи околу 1 милион евра за вршење на транспортни услуги, додека „Макеспрес“ тврди дека претпријатието им должи околу 500 илјади евра.

Град Скопје го раскина договорот со двете приватни компании, најпрво со „Макекспрес“, со која имаше договор со важност до крајот на 2023 година, а вчера и со „Слобода превоз“. По раскинувањето на договорот со „Слобода превоз“, приватните автобуски превозници најавија дека ќе ја оспорат таквата одлука и ќе поведат судска постапка.

Фото: Мета.мк

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска неколку пати повтори дека нема да попушти пред, како што вели, уцените на двете приватни компании кои биле договорени за јавен транспорт и тврди дека ЈСП нема никаков долг. На седница на Советот на Град Скопје им порача правдата да ја бараат на суд.

Во меѓувреме, градот најави дека во текот на следната недела ќе објави повик за нови приватни превозници.

Во понеделникот, околу 30 приватни автобуси ја блокираа крстосницата кај трговскиот центар Мавровка, што предизвика хаос во сообраќајот во главниот град. Превозниците ја прекинаа блокадата поради посетата на германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер, по што дадоа ултиматум.

Истовремено со протестот, во градот се вршат градежни активности на повеќе клучни сообраќајници што дополнително го оптоварува сообраќајот. Така, блокиран е сообраќајот на булеварот Кузман Јосифовски Питу, пред Народната банка. Таму булеварот е ископан во двата правци на движење, а од утрово целосно е забрането движењето по едната страна од булеварот.

Принтсктин од „Гугл мапс“ за моменталната состојба со сообраќајот во градот. Сите портокалови, црвени и виолетови линии означуваат отежнат сообраќај.

Воедно, на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, сообраќајот е отежнат бидејќи подолг период се вршат градежни активности. А, се работи и на улицата Антон Попов кој ја поврзува Општина Кисела Вода со Центар, како и на улица Водњанска, односно Тодор Александров.