Предложено олабавување на рестриктивните мерки од 1 јуни: да не се носат маски надвор и свадби да се прават

Фото: Бојан Блажевски

Комисијата за заразни болести утрово донесе одлука до Главниот координативен кризен штаб (ГККШ) да се достави предлог за понатамошно олабавување на рестриктивните мерки, соопшти Министерството за здравство. Причината за тоа е стивнувањето на пандемијата и намалувањето на бројот на активни случаи на ковид-19, од недела во недела.

Комисијата до ГККШ предлага од 1 јуни заштитните маски да не бидат задолжителни на отворено. Маските на сите затворени места, јавен превоз и секаде каде не може да се одржува препорачана дистанца, остануваат задолжителни. Исто така, тие предлагаат да престане да важи забраната за групирање на отворено. При групирање на повеќе лица, останува препораката да се носат заштитни маски.

Доколку владата ги усвои предложените мерки, од 1 јуни ќе биде дозволена организација на свадби и прослави на отворено, со максимум 50 отсто исполнетост на капацитетот во отворениот дел, но не повеќе од 100 гости. Притоа, максимум дозволен број на гости на една маса во угостителските објекти да биде 6 лица. Оваа мерка би важела за сите други угостителски објекти, кои ќе им овозможат да примаат по 6 гости на една маса.

Воедно, од 1 јуни би можело спортските натпревари кои се играат на отворени терени да се играат со публика, но со максимална исполнетост од 30 отсто од капацитетот на стадионот.

Да им се дозволи на угостителските објекти да примаат по 6 гости на една маса, додека сите останати рестрикции за нив остануваат на сила.

Сепак, од Комисијата за заразни болести сметаат дека полицискиот час во времетраење од полноќ до 4 часот наутро треба да остане на сила и понатаму.

„Во текот на оваа и следната недела, Комисијата за заразни болести во соработка со организаторите на настани, ќе работи на прецизирање на протоколите за одржување на настани и концерти на отворено, а по 15 јуни според договорените протоколи, ќе биде дозволена и организација на ваков тип настани“, информираат од Министерството за здравство.