fbpx

Поделбата на Северна Македонија и Албанија во евроинтеграциите може да предизвика незадоволство

-

Изјавата на високиот претставник на ЕУ, Оливер Вархеји, со која не се исклучува можноста во јуни разговорите со Брисел да ги започне само Албанија, предизвика дебата и дилеми во јавноста. Експертите едногласно тврдат дека овие две земји на првата меѓувладина конференција не треба да се поделат, оти такво нешто би предизвикало незадоволство на регионалната политичка сцена. Од друга страна, се нагласува дека кога станува збор за напредокот и исполнувањето на реформите од страна на земја-кандидат, несомнено секоја од земјите треба да се оцени според своите заслуги, пишува Порталб.мк.

Северна Македонија и Албанија очекуваат до крајот на јуни официјално да ги отпочнат разговорите со Брисел за пристапување во големото европско семејство. Меѓутоа, во јавноста се отворија дилеми дали двете земји од Западен Балкан ќе бидат заедно на првата меѓувладина конференција во Брисел. Дебатата се отвори по изјавите на комесарот за проширување на Европската Унија, Оливер Вархеји, којшто при една негова посета во Скопје изјави дека не ја исклучува можноста Албанија да се подели од Северна Македонија и сама да ги започне формалните преговори за пристапување во ЕУ.

„Дали е можно да се делат двете земји? Овој процес се базира на заслуги и ако ги разгледам постигнувањата на Албанија, гледам дека тие ги исполниле сите услови… Доколку нема договор во врска со Северна Македонија, може да дојде тој момент, кога ќе треба да ја разгледаме оваа опција. Се надевам дека тоа нема да се случи. Денес имавме многу важни разговори со премиерот и се согласивме дека треба да напредуваме“, рече Вархеји.

 

Експерти: Секоја земја треба да оди напред според своите заслуги

Експертите сметаат дека кога се работи за напредокот и исполнувањето на реформите од страна на една земја кандидат, нема дилема дека секоја од нив треба да се оцени според своите заслуги.

Малинка Ристевска од Институтот за европски политики го покрена прашањето дека поделбата на Северна Македонија и Албанија во процесот на евроинтеграциите ќе биде причина на непријатно соочување меѓу двете соседни земји. Ристевска вели дека наместо поделбата на овие две соседни земји, треба да се врши повеќе притисок врз Бугарија за да се деблокира процесот за Северна Македонија.

„Поделбата или обединувањето не треба воопшто да се дискутираат, секоја земја треба да се движи напред во зависност од темпото со кое се спроведуваат реформите. Во суштина, не е така, се подготвуваат пакети и земјите се делат според пакетите бидејќи повеќе ѝ одговара на ЕУ или поради интересите на определени земји членки. Тоа што треба да се стори е да се врши повеќе притисок кон ЕУ од двете земји, со цел Бугарија реално да се изолира во својата позиција. Притисокот треба да се пренасочи кон Бугарија. Тоа што не треба да се случи е почеток на бескрајна дебата со Албанија во врска со тоа кој кого попречува. Да не заборавиме, ова е само точка на почетокот на преговорите, коишто, според новата методологија, се навистина многу посложени и пополитички. Поради тоа што многу одлуки во текот на преговорите се донесуваат со консензус, сѐ уште има можност за уценување. Една од намерите на Бугарија беше многу јасна уште од почетокот – да се создаде нездраво соочување меѓу Македонија и Албанија. Ова е замка во која не смееме да паднеме, но постои таква опасност“, изјави Малинка Ристевска од Институтот за европски политики.

На мислењето дека Северна Македонија и Албанија не треба да се поделат во официјалното започнување на преговорите со Брисел е и универзитетскиот професор по Европско право, Анди Хоџај. Професорот Хоџај смета дека и двете земји ги исполниле сите услови што ги бара ЕУ за старт на преговорите.

„Северна Македонија и Албанија не треба да се поделат што се однесува до првата меѓувладина конференција, бидејќи тоа би предизвикало незадоволства што се непотребни во актуелната политичка клима во регионот. Исто така, двете земји ги исполниле условите што им се поставени за да учествуваат во меѓувладината конференција и преговорите требало да започнат уште пред 2 години. Секое одложување и секој нов услов ќе ја намали понатаму довербата во и сериозноста на ЕУ во искажаните зборови во врска со средбата во првата меѓувладина конференција и формалниот почеток на преговорите. Меѓутоа, во врска со зачленувањето во ЕУ, секоја земја треба да пристапи според своите заслуги од исполнувањето на условите и ниту една друга земја во регионот не треба да го држи под заложништво напредокот“, смета д-р Анди Хоџај, педагог и експерт по Европско право во Универзитетот на Ворвик, Велика Британија.

Според професорот Хоџај, секоја земја има заслуги во остварениот напредок и за тоа треба да биде наградена.

„Во врска со патот на пристапување кон ЕУ, јас силно верувам во заслугите, и дека секоја земја треба да се зачлени поради своите заслуги, дотолку повеќе ако покаже поголема политичка волја за исполнување на условите и, исто така, има видлива трансформација, и треба да биде наградена. На пример, Хрватска покажа челична волја во регионот и со право се зачлени во 2013 година. Затоа не верувам дека треба да има негативни последици од секој настан што може да се случи што се однесува до зачленувањето – дополнително, и стратегијата за проширување за 2018 година ги оценува Србија и Црна Гора како земји кои може пристапат во 2025 година, пред Македонија и Албанија“, потенцира д-р Хоџај.

 

Влада на РСМ: Недостигот на принципи во ЕУ може да има безбедносни последици во регионот

За македонските власти, поделбата на Албанија и Северна Македонија во почетокот на формалните разговори со Брисел е неприфатлива. Во едно соопштение на Владата на Северна Македонија, за медиумите се вели „недостигот на принципи во ЕУ може да има последици врз безбедноста на регионот“.

„Владата на Република Северна Македонија смета дека поделбата на Албанија и Северна Македонија не е во ничиј интерес и дека недостигот на принципи во ЕУ може да има последици врз безбедноста за целиот регион. Двете земји треба заедно да го поминат процесот на интегрирањето на Западниот Балкан и да им се помогне на нив. За Северна Македонија и цел Западен Балкан не постои ниедна друга алтернатива освен европската иднина. Нашата аспирација е Северна Македонија да стане земја членка на Европската Унија. Северна Македонија ги спроведе сите реформи, нивното спроведување подлегнува на неколку процеси за спроведување на европските стандарди во земјата. Сите критериуми на ЕУ за отворањето на процесот на пристапување се исполнети“, се нагласува, меѓу другото, во ставот на Владата.

Од Владата дадоа до знаење дека „идентитетот и јазикот не треба да подлегнат на преговорите во ниту еден случај. Македонскиот јазик и македонскиот идентитет, наметнати како прашања од страна на Бугарија не треба воопшто да бидат теми на разговорите и заложбите на Брисел, Северна Македонија ќе продолжи да се изјаснува на овој начин за нејзината европска иднина“.

За да се дознае официјалниот став на албанската страна околу ова прашање, нашата редакција се обрати до соодветните институции во Албанија со прашањето: Кој е официјалниот став на Албанија за ова прашање, дали треба да се поделат Северна Македонија и Албанија во нивниот прием во ЕУ, поконкретно почетокот на формалните разговори со Брисел? Одговор за нашето барање за информација не добивме од властите на соседна Албанија.

 

Историскиот спор меѓу Бугарија и Северна Македонија

Бугарија, во ноември 2020 година, го блокираше почетокот на разговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ. Односите помеѓу Северна Македонија и Бугарија станаа тензични поради историските спорови. Официјална Софија бара Скопје да ги прифати бугарските барања дека македонскиот јазик е норма на бугарскиот јазик и дека македонскиот народ е создаден од Тито. Претходно, во еден документ од шест страници, со долги историски образложенија за „државни антибугарски идеологии“ во Северна Македонија, Бугарија им испрати објаснувачки меморандум на земјите членки на ЕУ во пресрет на одлуката за почеток на преговорите со Унијата.

Овој спор го блокираше евроинтеграцискиот процес на земјата, со што Бугарија два пати стави вето на Северна Македонија, еднаш во Советот на министри за надворешни работи на ЕУ како и во Советот за општи работи на ЕУ, на овој начин спречувајќи го усвојувањето на преговарачката рамка за почеток на преговорите на земјата со ЕУ. За решавање на историските спорови, македонско-бугарската комисија одржала средби, но не успеале да изнајдат решение. Страните најмногу несогласувања имаат околу идентитетот на историските личности Цар Самоил и Гоце Делчев.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Столе Попов е добитник на наградата „Златен објектив“ за 2024 година

Столе Стојан Попов е овогодишниот добитник на наградата „Златен објектив“ која се доделува секоја година на 29 април по повод роденденот на Кинотека на Северна Македонија. Признанието „Златен објектив“ се...