Утре се одржува десеттото издание на Конференцијата за социјален активизам ENGAGE

Извор: Младински образовен форум

На 29 мај (сабота) на платото на Музејот на современа уметност, со почеток во 12:00 часот, ќе се одржи десетото јубилејно издание на Конференцијата за социјален активизам ENGAGE. Десетта година по ред ENGAGE ќе обезбеди платформа за собир на домашни и странски активисти, поединци и заедници кои се залагаат за општествени промени, информираат од Радио МОФ.

Јубилејното издание на Конференцијата ќе понуди место за дискусија, иновација, креативност, зајакнување и развој во нашето општество и отвора дебата за статусот на слободата, правдата и еднаквоста, човековите права, младинските прашања и развојот на модерната демократија.

На ENGAGE 2021 виртуелно ќе учествуваат интернационалните говорници: Гитанџали Рао, иноватор и научник – САД; DJ Switch, активистка и диџејка – Нигерија; Вандита Морарка, квир активистка и адвокат за човекови права – Индија; Јигит Гоктуг Торун, активист – Турција и Влад Илич, актер и комичар – Велика Британија.

Публиката ќе има можност во живо да ги слушне и приказните на домашните учесници: Борче Стаменов – иницијатива „Донирај компјутер“; Александра Манолчева и Дина Дамјановиќ – Ways2Help; Стефан Алексиќ –  „Challenger“; Петар Антевски – „Пресврт“ и Денис Јанкуловски Космонаутко.

Организаторите информираат дека бројот на посетители на Конференцијата ќе биде ограничен, со цел почитување на Протоколите за организирање настани. Учеството е бесплатно и присуството може да се најави на engage.mk/registration/ до 28 мај (петок) 16:00 часот. Настанот ќе се пренесува во живо на Фејсбук страната на Радио МОФ.

Конференцијата ENGAGE 2021 е организирана од Младински образовен форум и Радио МОФ, а поддржана од National Endowment for Democracy.