Станица пропаганда – изложба за современите пропаганди кои го вртат светот

Изложбата функционира како место каде што се „стационираат“ различни модели на пропаганда, како што се ултра-националистичката пропаганда, пропагандата на алт-десницата, либералната, финансиската, империјалистичката пропаганда, климатската, геолошката пропаганда

Фото: Наташа Гелева

Кружна конструкција, во која посетителите шетаат низ ходници, на кои се поставени телевизори каде се вртат кратки видеа, се одржуваат панели, се прикажуваат документарци – најразлични примери за пропаганда.

На овој начин, а со цел да се прикаже како функционира пропагандата, е организирана комплексната инсталација и програмата во живо на холандскиот уметник Јонас Стал, која од 1 март до 31 мај се одржува во Музејот на современа уметност во Скопје. Таа е наменета да им даде на луѓето алатка в раце – писменост на темата пропаганда, кој дава посебен акцент на проектот „Скопје 2014“.

„Во нашето општество, историски, сме сведочеле за многу видови на пропаганди, секоја со своја силина, инфраструктура, идеологија, порака, наметнати одозгора или започнати одоздола, од луѓето. Но, кога зборуваме за современите видови на пропаганда, тогаш сметав дека и за Јонас, како долгогодишен истражувач на темата, кој не ја опфатил оваа пропаганда, но и за нас, кои сè уште не сме се соочиле колективно со пропагандата на антиквизација, повторно да покренеме простор за нејзино преиспитување, посебно во контекст на Скопје – европска престолнина на културата во 2028 година во насока на нејзино можно претворање во агент на контрапропаганда“, вели кураторката Ивана Васева.

Јонас Стал е визуелен уметник чија работа е препознатлива по истражување на односот помеѓу уметноста, демократијата и пропагандата. Изложбата се заснова на повеќе од една деценија уметничко истражување спроведено од Стал за пропагандата и контрапропагандата.

Фото: Наташа Гелева

Конструкцијата на оваа изложба наликува на паноптикон – кружна затворска зграда чиј концепт е да им се овозможи на сите затвореници да бидат набљудувани од еден поправен службеник, без тие да знаат дали се набљудувани. Иако е невозможно еден службеник да ги набљудува сите ќелии одеднаш, фактот што затворениците не знаат кога се надгледувани, ги мотивира да се однесуваат како да се под надзор во секое време – нешто слично како пропагандата, која кога се спроведува во негативен контекст, тежнее кон ред и контрола, со што помала колективна интеракција.

Фото: Наташа Гелева

Па така, и изложбата „Станица пропаганда“ има за цел да ги направи видливи различните современи пропаганди кои го обликуваат светот и нашата перцепција.

Изложбата функционира како место каде што се „стационираат“ различни модели на пропаганда, како што се ултра-националистичката пропаганда, пропагандата на алт-десницата, либералната, финансиската, империјалистичката пропаганда, климатската, геолошката пропаганда.

Фото: Наташа Гелева

Она што особено се нагласува преку изложбата е дека пропагандата се асоцира со недемократски режими, но дека сепак, таа постои секаде каде што има моќ и секако, може да биде искористена во различни форми, и во позитивна и во негативна смисла.

Во центарот на инсталацијата е „школа за пропаганда“, каде различни уметници, академици, новинари, теоретичари, поборници и активисти одржуваат предавања, работилници и обуки од областа на анализа на пропагандата и (контра) пропагандното делување.

Изложбата е во организација на  Здружението „Факултет за работи што не се учат“ во соработка со Музејот на современа  уметност.

Ова е прво самостојно претставување на Стал во државата. Тој е основач на уметничката и политичката организација „Нов светски самит, заедно со драматургот и куратор Флоријан Малзахер го води тренинг кампот „Обука за иднината“, а со писателката и адвокатка Рада Д’Соуза го основа Судот за меѓугенерациски климатски злосторства.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by META.MK (@meta_mk)