Ден без автомобили во недела во Аеродром, дојдете со велосипед или пеш на улица Васко Карангелески

Извор: Град Скопје

Во недела (30 мај), Градот Скопје ќе организира Ден без автомобили под мотото „Улици за луѓе“. За таа цел, улицата Васко Карангелевски во Аеродром ќе биде затворена за автомобилски сообраќај вкупно 12 часа, во периодот од 8 до 20 часот. На потегот од булеварот Јане Сандански до крстосницата со улицата Владимир Комаров ќе се случуваат различни културни активности за возрасните, но и за најмладите, информираат градските власти.

„Организирањето ваков ден без автомобили може да биде одличен пример за насоката во која што се движи Градот, со цел промоција на политиките за креирање одржлив сообраќаен систем, но и да даде можност граѓаните активно да се вклучат и да ги почувствуваат придобивките од хуманизацијата на урбаниот простор“, велат од Град Скопје.

Тие ги повикуваат сите заинтересирани граѓани да дојдат со своите велосипеди или пешки на локацијата за да ги проследат бројните најавени активности. Деновите без автомобили се едни од главните промотори на одржливиот транспорт, а ова е докажано низ многу примери во Европа и во светот.

Претстојниот настан е во согласност со плановите за целокупна реорганизација на урбаниот транспорт во Скопје, кои одат во прилог на зацртаната цел на Град Скопје да се стекне со титулата „Зелена престолнина на Европа“. Таму, токму одржливата урбана мобилност е еден од дванаесетте критериуми и особено е нагласено дека Градот треба да се стреми кон преполовување на употребата на автомобили со конвенционални фосилни горива до 2030 година.