Потребна е подобра организација за да се достигне опфат од 95 отсто на вакцинирани деца

Една од темите на дискусија била и нееднаквата распределба на тимовите за вакцинација според бројноста на опслуженото население, недостигот од персонал, како и отсуството на координација и соработка со патронажните сестри, матичните лекари и педијатрите

-

Неопходни се поголеми инвестиции и поефикасна употреба на ресурсите за да може да се врати рутинската покриеност со вакцини на нивоа од 90 до 95 отсто низ целата земја. Ова е заклучокот од денешниот настан кој го организирал УНИЦЕФ, а на кој присуствувале претставници од здравтвениот сектор како и министерот за здравство, Фатмир Меџити.

На настанот се дискутирало за наодите и прелиминарните препораки од функционалната и финансиската анализа на службите за имунизација, како и од анализата за потребните инвестиции во службата за домашна посета, здравствените експерти и партнерите заклучиле дека е неопходно да продолжи реорганизацијата на превентивните здравствени услуги за децата.

„Дискусијата се надоврза на наодите и препораките од функционалната и финансиската анализа на службите за вакцинација, каде се идентификувани празнини и предизвици во тековниот систем во однос на организациската поставеност, распределбата на ресурсите и капацитетот на работната сила“, наведено е во соопштението од УСАИД.

Џери Дибл, претставничка на УСАИД кажа дека се надева дека препораките ќе влезат во Националната стратегија за имунизација.

„Владата на САД продолжува со својата поддршка на Северна Македонија во напорите да изгради силни, отпорни и одговорни институции. Нашата колективна посветеност е од витално значење за заштита на најранливите,“ изјави Дибл.

Претставничката на УНИЦЕФ, пак, Патриција ДиЏовани кажа дека пандемијата извршила огромен притисок врз здравствениот систем и ги нарушила рутинските услуги за имунизација.

„Земјата треба да ги преиспита и реорганизира капацитетите што ѝ се потребни за да испорача интегрирани програми за превентивна здравствена заштита, со цел да се даде одговор на опсежните демографски промени и на зголемената недоверба во вакцините, истовремено користејќи нови можности како што е дигитализацијата“, рекла ДиЏовани.

Една од темите на дискусија била и нееднаквата распределба на тимовите за вакцинација според бројноста на опслуженото население, недостигот од персонал, како и отсуството на координација и соработка со патронажните сестри, матичните лекари и педијатрите.

„Сето тоа, како и немањето опрема, ги спречува тимовите за имунизација да обезбедат исто ниво на услуги и опфат на сите заедници, но, исто така, ги спречува и да ги ажурираат дигиталните записи. Се разговараше и за потребите од кадар во секторот за примарна и превентивна заштита во рамките на Министерството за здравство и други предизвици со капацитетите“, наведено е во соопштението од УНИЦЕФ.

На настанот било заклучено дека клучните препораки треба да станат дел од Националната стратегија за имунизација која е во процес на подготовка, но и да стане дел од други релевантни стратешки документи на Владата.

Клучните препораки се зголемување на бројот и географската распределба на тимовите за вакцинација за подобар опфат на детската популација, воведување стимулации за тимовите за имунизација да го достигнат препорачаниот опфат со вакцинација и одржувањето на ажурирана дигитална база на податоци за вакцинацијата за да се обезбеди агилно планирање на активностите за информирање, понатамошно зајакнување на планирање и следење на имунизацијата.

Не е точно дека Министерството за образование нуди бесплатни курсеви по англиски јазик за сите

Целта на вака креираната невистинита најава е да се генерира интернет сообраќај, односно да се убедат што поголем број корисници да пристапат до страниците коишто се рекламираат. Оваа објава...