fbpx

Последниот ден од примирјето меѓу Израел и Хамас, нејасно е дали ќе продолжи

Неофицијални извори велат дека Хамас се подготвени да го продолжат примирјето за четири дена, додека хуманитарната состојба во Газа останува загрижувачка

-

Денес е последниот ден од шестдневното примирје меѓу Израел и Хамас. Сè уште се разменуваат палестински затвореници за дел од заложниците кои беа заробени од Хамас за време на нивниот напад врз Израел на 7 октомври, известува Би-би-си.

Според договорот направен пред примирјето, истото требаше да трае четири дена, со можност да се продолжи доколку Хамас се подготвени да ослободат повеќе заложници. Во понеделникот беше најавено дека двете страни се согласиле да се продолжи прекинот на огнор за уште два дена.

Сè уште не е официјално најавено дали примирјето ќе се продолжи, но според анализа на Би-би-си, постои голема шанса за подолг прекин на огнот. Дополнително, според неофицијален извор на Гардијан, Хамас се подготвени да ја продолжат размената на затвореници и заложници уште четири дена.

Сепак, како што известува Гардијан, имајќи предвид дека досега само странски државјани, жени и деца биле ослободувани, а остануваат сè помалку од овие категории меѓу заложниците, најверојатно би го виделе и првото ослободување на израелски мажи од Хамас.

Досега се ослободени 81 заложник и 180 палестински затвореници. Се смета дека Хамас заробиле околу 240 заложници за време на нивниот напад на 7 октомври.

Неколку од ослободените затвореници, вклучително и 14-годишно момче, се жалат на претрпено насилство од израелските сили, а голем дел од затворениците се малолетници, кои најчесто биле казнети поради фрлање камења или цртање графити. Ваквите жалби се совпаѓаат со долгогодишните обвиненија од хуманитарни организации за нехуман третман на палестински затвореници од израелските сили.

Всушност, голем дел од палестинските затвореници се ставени во затвор без судење, пракса која хуманитарната организација „Human Rights Watch“ ја критикуваше за прекршување на меѓународни закони. Дополнително, Палестинците чии случаи стигаат до суд, најчесто завршуваат на воен, а не на граѓански суд, при што 99,7 отсто завршуваат со затворска казна. Хуманитарни организации ја критикуваа стапката на казнување, укажувајќи и оти пресудите не се фер.

Во Газа, пак, хуманитарната ситуација е малку подобрена поради поглатката дистрибуција на хуманитарна помош како последица на примирјето, но ресурсите повторно се оскудни. Некои од жителите на Газа за Би-би-си велат дека три дена чекаат да наполнат гориво.

„Каде се Арапите и муслиманите да ни помогнат? Каде се заштитниците на човековите права? Нè оставивте Палестинците да се мачиме, да огладнеме и да сме системски уништени. Не можам да ја опишам штетата. Цели семејства се избришани, убиени под руините на своите куќи. Газа е целосно уништена. Имајте милост за нас“, изјавила жена за Би-би-си.

Според организација за обезбедување храна на Обединетите нации, постои сериозен ризик за масовен глад во Газа доколку не се внесе повеќе хуманитарна помош.

Од Светската здравствена организација, пак, велат дека можно е да умрат повеќе луѓе од болест отколку од бомбардирањето, имајќи ги на ум неадекватните услови за соодветна здравствена нега. Забележени се преку 111.000 случаи на сериозни проблеми со дишење, повеќе од 75.000 случаи на диареа, повеќе од 24.000 случаи на кожни инфекции, 2.5000 случаи на овчи сипаници, како и многубројни случаи на вошки и жолтица.

Истовремено, Гардијан известува оти израелските сили влегле во Џенин, град на Западниот брег. Конкретно, се смета дека го нападнале кампот за бегалци во Џенин.

Израел, пак, ги обвинува Хамас за прекин на примирјето во северот на Газа, а Хамас вели дека Израел се тие кои први пукнале. Сепак, ваквите инциденти не го прекинаа примирјето.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...