fbpx

Необјективно и оркестрирано гласање при изборот на новата Антикорупциска комисија

Снежана Камиловска Трповска, член на Комисијата за селекција додава дека кандидати за идни членови на ДКСК кои имале одлични познавања од областа не биле добро оценети од другите членови на Комисијата за селекција со што им се оневозможило да се борат за позициите претседател и член на Антикорупциската комисија

-

Снежана Камиловска Трповска, член на Комисијата за селекција за избор на претседател и членови на Државната комисија за спречување на корупцијата денеска објави издвоено мислење по однос на утврдената ранг-листа на кандидатите за избор на претседател и членови на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Како претставник на Советот за соработка помеѓу Владата и граѓанскиот сектор од областа на демократијата и владеењето на правото, таа изразува мислење за необјективно и оркестрирано гласање на останатите членови на Комисијата за селекција.

Евидентно од посочена ранг листа е дека како претставник на граѓански сектор од областа на демократија и владеење на право имам целосно различна перцепција за избраните кандидати со што јасно се манифестира и ставот на граѓанските организации за идниот состав. Изненадува како останатите претставници на Комисијата за селекција изнајдоа компромис токму и само за овие кандидати и покрај слабите интервјуа, одбивањето на кандидатите да одговорат на директни прашања за за општествени состојби како процесот на заробеност на државата, високо профилни случаи кои се веќе предмет на работа на сегашната ДКСК, а се дел и од констатирани состојби од Извештајот на Европската Комисија за 2023 год, прашања поврзани со политичка и правосудна поврзаност, тргување со влијание, лобирање и сл., стои во издвоеното мислење на Снежана Камиловска Трповска.

Таа додава дека кандидати за идни членови на ДКСК кои имале одлични познавања од областа не биле добро оценети од другите членови на Комисијата за селекција со што им се оневозможило да се борат за позициите претседател и член на Антикорупциската комисија.

Снежана Камиловска Трповска бара нејзиното издвоено мислење да биде јавно прочитано на седницата на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на која ќе се утврдува ранг листата, како и на пленарната собраниска седница на која ќе се гласа за новиот состав на ДКСК.

Инаку, во текот на вчерашниот ден се вршеше бодување на пријавените 42 кандидати и дури доцна вечерта беше утврдено дека седум кандидати – Цвета Ристовска, Татјана Димитровска, Софија Спасова Медарска, Сервет Демири, Бесник Џемаиљи, Билјана Каракашова Шулев и Зоран Богоевски добиле највисоки оценки и се предложени за членови на новиот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).

Татјана Димитровска, помошник на главниот државен ревизор – раководител на сектор за ревизија со овластување, според добиените бодови, ќе биде новиот претседател на Антикорупциската комисија.

Изборот на комисијата сега ќе оди пред собраниската Комисија, а потоа ќе следи гласање на пленарна седница на Собранието.

Познат новиот состав на Антикорупциска – доминираат ревизори и вработени во ДКСК

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...