fbpx

Порталб: Реформи на јавната администрација во текот на 2021 година, многу ветувања и малку работа

-

Не е направено доволно во текот на 2021 година на областа на реформите во јавната администрација. Ова е оценката на експертите, кои препорачуваат департизиција на администрацијата за да се обезбедат квалитетни, ефикасни и брзи услуги. Во 2022 година, по реконструкцијата на Владата, со Министерството за информатичко општество и администрација се очекува да раководи нов министер, пишува Порталб.мк.

Универзитетскиот професор Борче Давитковски, Искра Белчева експерт од Центарот за управување со промени и новинарот и уредник на „Вистиномер“ кој ги следи реформите во јавната администрација, Теофил Блажевски за Порталб.мк зборуваат за тоа што беше направено и каде имаше застој во текот 2021 година во оваа област.

„Ништо не е направено, партизацијата на администрацијата продолжува. Ете се гледа и сега по формирањето на новата влада, повторно партиски пазарења и пополнување на администрацијата со политички кадри во јавните претпријатија итн. Сега гледаме циркус, во ЕСМ ќе почнат да праќаат работници на принуден одмор; наместо да оди директорот, тие ги отпуштаат работниците. Срамота е ова. Треба да обезбедат струја а не да штедат, ако не го направат тоа, треба да одат. Во некои значајни јавни претпријатија како МЕПСО, ЕЛЕМ, ЈП за јавни патишта, каде што има државни интереси, потребни се стручни луѓе, дури и да се стават партиски кадри, треба да се постават луѓе кои знаат, а не плочкари. Не очекувам ништо, само пазарење и само поделба на функции и тендери, народот само ќе плати и друго не очекувам. Не сум ниту позиција, ниту опозиција, го предавам ова – реформи, реформи, имам напишано 173 закони досега, но ниту еден не се применува“, вели професорот Борче Давитковски.

Според професорот, додека не дојде некој што ќе каже поставете професионални и компетентни луѓе, без разлика на етничката припадност, ништо не се прави.

Според Искра Белчева, ако се анализираат главните области на Стратегијата за реформа на јавната администрација (РЈА), не е постигнат поголем напредок во однос на реформите планирани за 2021 година. Во делот на стратешкото планирање не гледаме никакво поместување.

„Најголемата најавена реформа е за реорганизација на институциите и централната власт, процес за кој јавноста ништо не знае. Има неколку предлози за реорганизација кои се одобрени од Советот за РЈА, но тие не се презентирани ниту пред експертите, ниту пред пошироката јавност. Во овие евентуални предлози се поставуваат приоритети кои досега не се идентификувани од страна на Владата, како на пример, приоритет на семејните прашања пред еднаквост, но и се укинуваат институциите кои според упатствата на Европската Унија досега се воделе како независни. Сепак сите овие информации сè уште остануваат шпекулации. Нема јавна дискусија и конкретни резултати од овој процес. Во областа на управување со човечки ресурси во администрацијата, објавени се нови закони за административните службеници и вработените во јавниот сектор. Јавна дискусија за тоа нема, но тие предизвикаа многу реакции од граѓаните, особено што на вработените им се обезбедуваат многу нови надоместоци, предвремено пензионирање на одредени категории, а најавено е и намалување на работното време за 4 часа во петок, односно неделниот фонд на работни часови да биде 36 часа“, вели Белчева.

Во областа на транспарентност на администрацијата, како што додава таа, нема многу нешта за пофалби, бидејќи на порталот за отворени податоци има само едно зголемување на податоците кои се објавуваат.

„Во однос на електронските услуги, од 158 електронски услуги кои се нудеа во порталот e-uslugi.gov.mk на почетокот на 2021 година, сега се нудат 184 услуги, што не е некој голем напредок. Ова е особено незадоволително со оглед на тоа што МИОА има голем проект, од неколку милиони за обработка на многу нови електронски услуги, но видливи резултати од проектот нема“, додаде Белчева.

Новинарот и уредник на Вистиномер.мк Теофил Блажевски, кој меѓу другото ги следи реформите во јавната администрација, вели дека од она што може да го предвидат експертите кои ја следат оваа област, може да се даде генерална оценка дека реформите во областа на администрацијата се во благ застој за неколку важни параметри.

„Еден таков параметар е промената на клучните регулативи кои треба да ги следат акционите планови од Стратегијата во јавната администрација. Измените на Законот за административни службеници (ЗАС) или на Законот за вработените во јавниот сектор, а конечните текстови кои никако да бидат доставени до Владата, се подготвуваат повеќе од една година, за да можат да одат во Собрание. Ова особено важи за предлог-законот за Висока раководна служба, кој се подготвува веќе две години, во ЕНЕР има консултации, а повторно се враќа на обработка, сè уште не е готов, а со истиот требаше да се констатира дека во најмалку 130 институции раководниот кадар би бил назначен не по партиски клуч, туку по систем на меритократија, на јавен конкурс и слично“, вели Блажевски.

Како што додава, областа каде што се направени промени или солидни подготовки за 2022 година е процесот на дигитализација и обезбедувањето електронски услуги за граѓаните и правните лица.

„Се очекува овој процес да се зајакне и поради издвојувањето на над 4,5 милиони евра буџет за МВР за 2022 година, што е највисока сума досега, подготовка за нови целосно електронски услуги, нова ИКТ стратегија и поврзување на податоците од различни институции со порталот за е-услуги“, додаде Блажевски.

Реформите на администрацијата во Северна Македонија, освен што се потреба за граѓаните, тие се и услов за интеграција на земјата во ЕУ. Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) е носител на реформскиот процес, односно има изготвено Стратегија за реформа на јавната администрација 2018–2022 година што ги утврдува мерките кои треба да се преземат за пет години, за да се постигнат општите и конкретните цели поставени во секоја од приоритетните области.

Порталб.мк претходно објави анализа за тоа што го чека новиот министер за МИОА. Според договорот за владино партнерство, Алтернатива ќе го води Министерството за информатичко општество, а за нов министер го предложи Адмирим Халити. Партијата се согласи да не ја менува владината програма, туку да ја дополни.

Во анализата, Порталб.мк се осврна на двете најголеми области кои вклучуваат низа активности, односно дигитализација и процес на реорганизација и оптимизација на државната администрација, агенциите и инспекциските служби.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Гордата Гордана“ не можела да му се спротивстави на Мицкоски

Сиљановска-Давкова е претседателски кандидат, а за неколку дена ќе се знае дали ќе биде идниот претседател на државата. Затоа е чудно што онака ноншалантно кажува да не се очекува...