fbpx

Попис 2021: Јавниот простор се уништува во Скопје, бројот на станови зголемен за 30,6 отсто

-

Јавниот простор е ограничен ресурс, којшто треба внимателно да биде планиран и организиран за да го спречи урбанистичкиот хаос во еден град. Поразителни се најновите податоци на Државниот завод за статистика од минатогодишниот попис за главниот град. Бројот на жители во Скопје е 526.502 лица, што претставува раст на населението за 3,9 отсто во однос на пописот од 2002 година.

Наспроти ова, бројот на домаќинства во главниот град пораснал на 171.171, и во споредба со две децении претходно, е зголемен за 16,8 отсто. Сепак, за дури 30,6 отсто е зголемен бројот на станови што ги регистрирале попишувачите во главниот град во споредба со 2002 година.

Скопје лани имал 213.850 станови, додека бројот на станови во Македонија изнесувал 839.174. Она што загрижува е сумата на празни станови во Скопје, кои се користат за изнајмување на туристи или лица од други градови, се купени од граѓани надвор од Скопје, жители на главниот град имаат по неколку станови, дел од жителите на Скопје се иселени или едноставно дел од становите остануваат непродадени.

Според податоците од минатогодишниот попис, станови без домаќинства во Скопје има дури 42.679. Колку за споредба, оваа сума е речиси еквивалентна на вкупниот број на станови што се регистрирани во Битола – 43.724.

По општини, најголем број на станови има Аеродром – вкупно 35.337, иако во оваа општина се забележани 27.895 домаќинства со барем еден член на домаќинство. Втора според бројот на станови е општина Карпош, во која на минатогодишниот попис се регистрирани 32.115 станови, а вкупниот број на домаќинства изнесувал 24.589. Следуваат Кисела Вода со 27.403 и Центар со 27.065 изградени станови, во кои исто така е регистрирано значително помал број на домаќинства.

Најмал број на станови во главниот град се регистрирани во општина Шуто Оризари, каде што нивната бројка изнесувала 6.716, додека бројот на домаќинства во оваа скопска општина е 6.104. Во дел од општините во Скопскиот регион, како што е Арачиново, забележително е дека не постојат празни станови за живеење, туку бројот на домаќинства е поголем од бројката на станови. Па така, во Општина Арачиново на пописот се регистрирани 2.848 домаќинства, а 2.815 станови.

Сите овие бројки говорат за сконцентрираноста на изградбата на станбени згради во централните скопски општини, но и за исклучителната нееднаквост на населението во земјава, која што може да се забележи дури и помеѓу општините од Скопскиот регион.

Инаку, бројките на пописот покажуваат дека покрај 526.502 лица што живеат во главниот град, Скопскиот регион на минатогодишниот попис имал вкупно 603.646 жители. Приградските скопски општини Арачиново, Чучер-Сандево, Студеничани, Сопиште, Петровец, Илинден и Зелениково заедно имаат 77.144 жители. Најмногубројно население има општина Студеничани, вкупно 21.970 жители.

Ваквите бројки всушност покажуваат дека една третина од целокупното население на Македонија живее во Скопскиот регион. Соседните општини околу метрополитен зоната на Скопје имаат дополнителни речиси 250.000 жители. Па така, општина Куманово има 98.104 жители, Тетово 84.770, додека Велес 48.463 жители.

Државниот завод за статистика напомена дека во наредните месеци ќе ги објавува дополнителните сетови со податоци, коишто ќе дадат непроценливи заклучоци за урбаниот развој на Скопје, но и на целата земја, особено во делот на транспортните навики на граѓаните.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...