Еко-свест ги осудува најавите за отворање на нов рудник за лигнит во Живојно

Фото: Albert Hyseni on Unsplash

По денешните најави на директорот на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), Васко Ковачевски дека актуелната криза ја отворила потребата од подолго користење на рудниците и планираната инвестиција во нови ископи во рудникот Живојно во РЕК Битола и рудникот Гуштерица во РЕК Осломеј, со реакција и најостра осуда излегоа од Еко-свест.

Од Центарот за истражување и информирање за животната средина најостро ги осудуваат најавите на власта за отворање на нов рудник за лигнит во Живојно, во општината Новаци.

„Овој проект е неприфатлив од еколошки, енергетски и економски аспект, а е спротивен со сите стратегии и декларираните заложби на државата“, се наведува во соопштението од Еко-свест.

Тие велат дека на листата на пријавени проекти за Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан се нашол и рудникот за лигнит Живојно, но нивната првата претпоставка била дека тоа е ненамерна грешка и остаток од некои стари планови што потекнуваат од пред изработката на Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година.

„Но, сега и директорот на компанијата во државна сопственост АД ЕСМ во изјава за медиуми најавува дека активно се работи на отварање на рудникот и дека биле преземени конкретни чекори во 2021 година“, додаваат од Еко-свест.

По ваквата најава, со кратко истражување се откри дека АД ЕСМ веќе неколку години, во период и пред енергетската криза, доделило неколку тендери за изработка на документација за отворање на рудникот. Во 2019 година е доделен тендер за изработка на главен рударски проект и оцена на влијанието за животната средина, во 2020 година за геотехнички истражувања за одлагалиште на јаловина од рудникот и во 2021 година за елаборат за експлоатација.

Сето ова се случува во период кога се изработува и усвојува Стратегијата за развој на енергетиката до 2040г. и се работи на Националниот план за енергија и клима – плански документи што јасно укажуваат на потребата од забрзана енергетска трансформација и оддалечување од употребата на фосилни горива.

„Едно е да се направи интервентен увоз на јаглен за да се пребродат неколку месеци од енергетската криза, но сосема друго е целосно да се поткопаат сите обиди за енергетска и праведна транзиција. Отворање на нов рудник само ќе ја влоши ситуацијата произлезена од триесетгодишното неспроведување на плановите во енергетскиот сектор и од одложувањето на искористувањето на новите обновливи извори на енергија, како што се сонцето и ветерот“, изјави Невена Смилевска од Еко-свест.

За земјата конечно да ја фати правилната насока, треба активно да работи на праведната транзиција и постепено намалување на вработените во рудниците за лигнит, а не да се отвораат нови рудници.

„Сите инвестиции во енергетскиот сектор што ќе се преземаат од денес натаму мора да бидат во согласност со обврските од стратегиите и меѓународните договори. Времето на одобрување и реализација е исто, нема оправдана причина да се троши време, капацитети и финансии за проекти што ќе не вратат многу чекори назад и ќе продолжат да ја трујат животната средина и населението“, дополни Давор Пехчевски од Еко-свест.