fbpx

Помалку од 400 бегалци вратени од Грција во Турција преку новиот европски договор

-

Грција месецов има вратено вкупно 386 бегалци во Турција според европскиот договор за реадмисија на бегалците. Во изминатите два дена грчките власти испратија во Турција 61 бегалец, од нив 12 од Сирија, кои самостојно побарале да си заминат од Грција, како и луѓе од Ирак,  Бангладеш, Пакистан, Авганистан и од Мјанмар. Бегалците беа пренесени од Лезбос, Хиос и од Кос кон турскиот брег. Грција почна со враќање на бегалците од 4 април.

Процесот на реадмисија се одвива бавно ако се земе предвид дека во државата има речиси 54.000 бегалци. Процедурата е отежната поради големиот број барања за азил и од бегалците и од економските мигранти, кои не сакаат да бидат вратени назад во Турција.

Од грчкото министерство за цивилна заштита информираат дека и во следните денови ќе продолжи процесот на испраќање бегалци и мигранти кон Турција. Од турскиот брег, пак, се значително намалени новите бранови бегалци. До изутринава стигнале само 60 бегалци, а на дневна основа нивната бројка не е поголема од 50 до 60 лица.

Според грчкиот секретаријат за информации, до 15 март 569 бегалци се релоцирани и испратени во различни земји од Европската Унија.

Портпаролот на координативното тело за справување со бегалската криза, Јоргос Кирицис, најави дека грчката влада има најдено и подготвува четири нови простори во Северна Грција, каде би можеле да бидат преместени бегалците од Идомени. Се работи за стари фабрики и магацини во предградијата на Солун. Овие четири простори се уредуваат за да се понудат пристојни услови за живот и заедно со новиот бегалски центар во Лагадикија ќе понуди дополнителен простор за сместување на бегалците. Грчките власти се надеваат во овие простори да преселат околу 4.500 луѓе од Идомени во следните 10 дена. Во импровизираниот камп на македонско-грчката граница сè уште има повеќе од 10.000 луѓе.

Според информациите од генералниот секретаријат за информирање, преку програмата на УНХЦР за изнајмување хотели за бегалците, низ Грција се обезбедени веќе 3.600 места за бегалците, а се надеваат до август да бидат обезбедени уште 10.000 места.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.