fbpx

Полицаец од Крива Паланка осомничен за измама и за злоупотреба

-

Секторот за внатрешна контрола на Министерството за внатрешни работи (МВР) поднел кривична пријава против Г.С. (34), вработен како полицаец во полициската станица во Крива Паланка, кој е осомничен за измама и за злоупотреба на службената положба и овластување, соопшти МВР.

Како што информираат оттаму, делата за кои се товари полицаецот ги сторил додека вршел надзор над две лица во селото Конопница, на кои им била одредена мерка куќен притвор. Според полицијата, осомничениот на 26 јули, по напревената обиколка, повторно се вратил во куќата и на двете лица им ги побарал платежните картички и пин-кодовите, лажејќи ги дека „претходно работел како инспектор и дека бил задолжен да им ги провери состојбите на тековните сметка, бидејќи подолго време биле во притвор и можно е некој да им ги зел парите“.

Оштетените му поверувале и му ги дале картичките и пин-кодовите, а тој, според МВР, уште истиот ден со нив подигнал пари од банкомат во Крива Паланка. Истото го сторил и во наредните денови. Според МВР, тој од сметките на своите жртви подигнал вкупно 63.500 денари.

Во меѓувреме, оштетените за случајот му раскажале на сосед, кој го познавал полицаецот и знаел дека е познат по тоа што на повеќе жители на градот им должел пари, односно позајмувал пари, но не ги враќал. Соседот веднаш отишол во филијалата на Стопанска банка во Крива Паланка и ги пријавил картичките за изгубени, по што банката веднаш ги блокирала.

Полицаецот, според МВР, незнаејќи, по ова се обидел повторно да извади пари, но картичката му била одземена од банкоматот, со известување дека не е во функција.

„Пријавениот веднаш влегол во објектот на филијалата во Крива Паланка каде што почнал да се распрашува за важноста на платежните картички на оштетените лица, а по добиен одговор од вработениот дека со картичките нешто не е во ред, си заминал“, стои во соопштението на МВР, во кое се додава дека против полицискиот службеник и претходно бил поднесен посебен извештај за кривично дело измама, поради невратен долг.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.