НВО: Најавите на Груевски за попис на населението се несериозни

-

Повеќе од 40 невладини организации и иницијативи, денеска преку писмено соопштение реагираат на најавите на премиерот Никола Груевски за спроведување електронски попис на населението. Невладините, најавата на премиерот ја оценуваат како „несериозна“ и како „уште една манипулација и намерно дефокусирање на граѓаните“.

„Како граѓански организации и активисти што се залагаат и лобираат за спроведување регуларен попис, сметаме дека оваа најава на Груевски е несериозна и претставува само уште една манипулација и намерно дефокусирање на јавноста и на граѓаните. Уште повеќе, затоа што планираното „техничко-технолошко“ решение не ги задоволува критериумите за спроведување реален попис на населението според меѓународните стандарди“, стои во реакцијата.

Од невладините, исто така, истакнуваат дека, според нив, актуелната владина коалиција нема ни легитимитет ни кредибилитет да спроведе попис бидејќи таа сè уште не даде никаков отчет за причините поради кои пропадна пописот во 2011 година и не презеде никаква одговорност за тоа свое големо и сериозно промашување.

„Груевски излезе во јавноста со тврдење дека Владата спречила фалсификат, но до денешен ден ниту надлежните институции презедоа нешто, ниту некој одговараше за обид за фалсификат на пописот. Граѓаните не само што не знаат зошто пропадна пописот, не знаат ни колку милиони евра се одлеаја од државниот буџет за оваа пропадната операција. Единствено што беше јасно е дека причините за неуспешноста на пописот не се технички, туку имаат длабока политичка заднина“, се вели во реакцијата.

Според потписниците на реакцијата, тоа што најавата за реализација на пописот доаѓа во моментот кога почна спроведувањето на договорот од 2 јуни, „го наметнува заклучокот дека е ова само евтин пропагандистички обид на Груевски да го одвлече вниманието на јавноста од главните приоритети“.

„Деновиве, исто така, сме сведоци дека Владата на Груевски, преку ноќ и без каква било одговорност и сериозност, донесе одлука за завршување на лустрацијата, како и за повлекување на законот за хонорарците. Ваквото однесување на власта недвосмислено упатува на констатацијата дека таа е подготвена да направи сè за да го минира спроведувањето на Договорот од Пржино и да го осуди на неуспех. Имајќи го предвид сево ова, уште еднаш укажуваме на тоа дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ нема никаков кредибилитет да подготви и да спроведе каков било попис на населението“, сметаат од невладините, потпишани во реакцијата.

Тие додаваат дека и понатаму се залагаат за што е можно поскоро реализирање на пописот, но, како што велат, тоа мора да го направи „влада која ќе биде избрана на демократски и фер избори и која ќе изгради политичка волја за пребројување на населението според сите меѓународни стандарди и прописи“.

Писмената реакција е потпишана од 46 невладини организации и иницијативи.

Филмскиот фестивал „Киненова“ започнува со првиот долгометражен анимиран филм во земјава

Свеченото отворање на годинешното издание на меѓународниот филмски фестивал „Киненова“, на 15 октомври ќе биде во знакот на македонскиот филм, информираат организаторите. „Оваа година повторно сите светла ќе ги впериме...