fbpx

Политичарите и медиумите повторно паднаа на Шангајската листа

Две години по ред на јавноста ѝ се прикажуваат погрешни информации кога во прашање е рангирањето на македонските високообразовни установи на популарната Шангајска листа. Во дезинформирањето на граѓаните се вклучени и политичките партии и медиумите

-

„Трета година по ред на Шангајската листа нема универзитет од Македонија“, „Шангајска листа: Меѓу првите илјада нема македонски универзитет“, „Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ на 1.944-то место на Шангајската листа“, „Објавена е Шангајската листа, УКИМ е на 1.964 место од вкупно 2.000“ – ова се само дел од насловите што во последнава година се најдоа во македонските медиуми по објавувањето на Академското рангирање на светските универзитети од страна на независната организација „ShanghaiRanking Consultancy“.

Две години по ред, на јавноста ѝ се прикажуваат погрешни информации кога во прашање е рангирањето на македонските високообразовни установи на популарната Шангајска листа – препознаена како едно од најверодостојните глобални рангирања на универзитетите. Во дезинформирањето на граѓаните се вклучени и политичките партии и медиумите.

Листата на која е рангиран УКИМ не е ниту Шангајска, ниту од годинава

Во вторникот, на 15 август, организацијата „ShanghaiRanking Consultancy“ го објави Академското рангирање на светските универзитети за 2023 година. Листата и годинава не донесе големи изненадувања – американските универзитети доминираат на врвот, додека македонските воопшто и ги нема.

Во фокус на домашната јавност повторно е скопскиот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) како најстара и најголема високообразовна институција во државата и за која се водат дебати како и зошто повторно не се рангирала на оваа реномирана листа.

При пренесувањето на веста за нерангирањето на македонските универзитети на Шангајската листа и копирајќи ја содржината едни од други, медиумите несмасно во своите извештаи изнесоа погрешни информации.

Па така, дел од медиумите во своите написи пренесоа дека на годинешното академско рангирање на „Шангај Ренкинг“, во првите илјада универзитети во светот на листата немало ниту еден од Македонија, но понатаму во своите текстови пишуваат:

„Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ е највисокорангирана од македонските високобразовани институции, но од година во година со сѐ полош ранкинг – 2021 на 1.917 место, 2022 на 1.944 место и 2023 на 1.964 место“.

Ваква погрешна информација деновиве прочитавме во извештаите на најмалку три онлајн медиуми (извор 1, извор 2, извор 3).

Збунети од ваквите податоци, знаејќи оти Шангајската листа се состои од само илјада рангирани универзитети и ниту еден повеќе, по мала претрага на Интернет заклучивме дека новинарите во овие редакции всушност погрешно претставиле сосема друго рангирање како „Шангајска листа“.

Станува збор за листа која секоја година ја објавува Центарот за рангирање на светски универзитети (CWUR), лоциран во Обединетите Арапски Емирати. Ова рангирање содржи листа од 2.000 најдобри универзитети и таму, за разлика од Шангајската, УКИМ навистина се наоѓа, но од година во година на сè пониска позиција.

Меѓутоа, освен што се обиделе ова рангирање да го претстават како рангирање на „Шангај Ренкинг“, новинарите прикажале застарени податоци и за листата на CWUR. Имено, податоците што ги навеле дека УКИМ во 2023 се наоѓа на 1.964 место се погрешни, дури и за оваа листа се однесуваат за минатата година. Согласно рангирањето на CWUR за 2023 година објавено во мај, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ се наоѓа на 1.990-тото место на листата – односно бележи пад од 26 места во споредба со 2022 кога се наоѓал на 1.964-та позиција. За само четири години, УКИМ на оваа листа паднал за дури 174 места, односно во 2019 се наоѓал на 1.816-тото место.

Од медиумите, преку опозицијата, дезинформацијата стигна до власта

Ова не е првпат јавноста да се дезинформира со ваква стара вест кога во прашање е рангирањето на македонските универзитети. И минатата година, бројни медиуми, но и една политичка партија, се обидоа да дезинформираат оти УКИМ наводно „паднал“ на Шангајската листа.

Па така, дел од интернет порталите во своите наслови во март лани напишаа „Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ на 1.944-то место на Шангајската листа“, додека според други УКИМ бил уште пониско – „Објавена е Шангајската листа, УКИМ е на 1.964 место од вкупно 2.000“.

Дезинформацијата стигна и преку партиско соопштение на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, а портпаролката на партијата Марија Митева одржа дури и посебна прес-конференција посветена на наводниот пад на УКИМ на Шангајската листа.

„За крај, потврда дека образованието е на последно место на приоритети на оваа влада видовме и на Шангајската листа каде УКИМ се најде на 1.944 место, што е пад за 27 места споредено со минатата година. УКИМ е на листата позади Белград, кој е во првите 500 универзитети, позади Загреб, Љубљана и бројни други факултети од регионот. Што се случува, има ли УКИМ воопшто ректор и ќе поднесе ли некој одговорност?“, праша Митева на прес-конференцијата за лажниот пад на УКИМ на листата на Шангај.

Таа отиде и подалеку, тврдејќи дека УКИМ бележел пад на Шангајската листа „три години по ред“, за што владејачките СДСМ и ДУИ требало да преземат одговорност.

За волја на вистината, ниту УКИМ ниту кој било друг македонски универзитет, некогаш се нашле на Шангајската листа. Академското рангирање на светските универзитети за првпат беше објавено во јуни 2003 година од страна на Центарот за универзитети од светска класа во рамки на Универзитетот во Шангај Џиао Тонг во Кина и е ажурирано на годишна основа. Од 2009 година листата е заштитена со авторски права од страна на „Шангај Ренкинг Консалтанси“, која користи шест фактори и јавно достапна методологија според која ги рангира универзитетите.

Ниту еднаш досега, во 20-годишното постоење на Шангајската листа, македонски универзитет не се нашол на неа, без оглед на тоа која политичка партија била на власт во земјава. Ова може да се провери на интернет-страницата на „Шангај Ренкинг“ каде се објавени сите досегашни рангирања.

По прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ лани, новинарско прашање за наводниот пад на УКИМ на Шангајското рангирање му беше поставено дури и на премиерот Димитар Ковачевски, кој најави дека ќе одржи состанок со ректорот на УКИМ за „да се види што може да помогне државата, а што можат да направат самите универзитети за унапредување на работењето и искачување на Шангајската листа“.

Рангирањето на Шангај и годинава беше дел од дневнополитичките обвинувања меѓу партиите, па така, претседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ Сергеј Попов ја даде следнава изјава:

„Падот во животниот стандард, падот во инвестициите во образованието и науката, мизерната состојба и третирањето на студентите како маргинализирана група, кулминираше со тоа најголемиот државен универзитет оваа година воопшто да не се најде на Шангајската листа“.

Ваквата изјава на Попов остава простор за толкување дека УКИМ некогаш бил на Шангајската листа, па годинава воопшто не се нашол на неа, што, повторно, е неточно.

Дел од медиумите и годинава во насловите напишаа дека „Трета година по ред на Шангајската листа нема универзитет од Македонија“, иако македонските високообразовни институции никогаш не стигнале до ова рангирање кое се смета за едно од најрелевантните на глобално ниво.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...