fbpx

ВМРО-ДПМНЕ контра СДСМ: Што сака 80 отсто од народот?

Во овој текст ќе анализираме две соопштенија на најголемите полтички партии во земјата, во кои ја користат истата бројка - 80 отсто од граѓаните/народот со цел да ги аргументираат нивните ставови и да ги таргетираат нивните поддржувачи

-

Двете најголеми политички партии во земјата, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, по расправата во собранието за уставните измени разменија серија обвинувања преку испраќање на електронски пораки до медиумите. Во овој текст ќе анализираме две соопштенија на најголемите полтички партии во земјата, во кои ја користат истата бројка – 80 отсто од граѓаните/народот со цел да ги аргументираат нивните ставови и да ги таргетираат нивните поддржувачи.

Од СДСМ најпрво соопштија дека „80 отсто од македонските граѓани кои се проевропски ориентирани ќе паметат и нема да им простат на оние кои без никаква причина го блокираат патот кон ЕУ“. Во ова соопштение тие мислат на фактот што ВМРО-ДПМНЕ не е заинтересирана за промена на Уставот и внесување на Бугарите во преамбулата со што би се отвориле поглавјата во преговорите за пристап во ЕУ.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, во своето соопштение го коментираат интервјуто на претседателот на државата Стево Пендаровски за една национална телевизија. Велат, „Пендаровски треба да се соочи со фактот дека над 80 отсто од народот е против уставни измени под бугарски диктат“.

Без оглед на тоа дали е некако поврзано или не, треба да се напомене дека за да се промени Уставот потребно е дво-третинско мнозинство од 120 пратеници во Собранието, или поточно 80.

Дали СДСМ цели кон 79 отсто од граѓаните кои го поддржуваат членството во ЕУ?

Иако двете партии директно не го посочуваат изворот на податоците кои ги цитираат во своите соопштенија, сосема е јасно на кои истражувања на јавното мислење се потпираат при ваквите тврдења.

Така, на пример, тврдењето на СДСМ, дека 80 отсто од граѓаните се проевропски ориентирани (иако контструкцијата на реченицата во самото соопштение е нејасна) се потпира на последната анкета на Меѓународниот републикански институт (ИРИ). Самото истражување на јавното мислење било спроведено во април и мај годинава, а резултатите се објавени на 10 јули.

На прашањето дали ја поддржуваат интеграцијата во Европската унија, 79 отсто од возрасните одговориле „да“ и тоа е раст од шест процентни поени од анкетата која беше спроведена во октомври минатата година.

Извор: Меѓународен републикански институт (ИРИ)

Може да се заклучи дека според овие резултати, СДСМ се речиси целосно во право кога велат дека 80 отсто од граѓаните се за членство во Европската Унија. А, во однос на тоа дали овие граѓани ќе простат или нема да простат блокада на евроинтеграциите, тоа не може да се провери. Сепак, треба да се напомене дека во одредени периоди од минатото, поддршката за членството во ЕУ била повисока.

Дали ВМРО-ДПМНЕ ги брои само Македонците или само сопствените гласачи?

Фотографија од чаршијата во Скопје, генерирана преку вештачка интелегенција, Microsoft Designer, 19.08.2023, Мета.мк

Тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ дека над 80 отсто од народот е против уставни измени, се потпира на истражувањето на јавното мислење кое го спроведоа германската фондација „Конрад Аденауер“ и македонскиот институт за демократија „Социетас цивилис“. Ова истражување е спроведено во февруари годинава, а резултатите се објавени во март.

Во резултаите од истражувањето се вели дека не над 80 отсто од народот, туку две третини од вкупниот број на испитаниците (65 отсто) „не се согласуваат со уставни измени неопходни за комплетирање на фазата за отворање на преговорите за членство“.

Но, постојат уште две бројки посветени на ова прашање со кои ВМРО-ДПМНЕ манипулира во своето соопштение. Поточно, во резултатите од истражувањето е поместен и дел за тоа што одговориле на истото прашање испитаниците од посебните етнички групи.

Така, најголем дел од испитaните кои биле етнички Македонци, поточно 80 отсто од нив, одговориле дека се против уставни измени. Нејасно е како оваа бројка од 80 отсто етнички Македонци, ВМРО-ДПМНЕ ја претвори во „над 80 отсто од народот“.

Фото: Институт за демократија „Социетас цивилис“

Можеби ВМРО-ДПМНЕ кога велат над 80 отсто од народот мислат само на етничките Македонци и им се обраќаат само ним во соопштенијата игнорирајќи ги другите етнички заедници, иако тоа не е воопшто јасно наведено. Или, пак, можеби ВМРО-ДПМНЕ кога велат над 80 отсто од народот мислат само на нивните гласачи, кои според истата анкета на „Конрад Аденауер“ и „Социетас цивилис“ во огромно мнозинство од 89 отсто се против уставни измени.

Фото: Институт за демократија „Социетас цивилис“ и фондација „Конрад Аденауер“

Овој графикон нуди многу значајни информации, на кои медиумите и политичките партии ретко се осврнуваат, а тоа е дека повеќе од половината од испитаниците кои гласале за СДСМ, а и за Алијанса за Албанците, сметаат дека не треба да има уставни измени и Бугарите да влезат во Уставот. Но, исто така, и 10 отсто од испитаниците кои гласале за ВМРО-ДПМНЕ велат дека треба да се смени Уставот.

Треба да се напомене дека и Меѓународниот републикански институт (ИРИ) и германската фондација „Конрад Аденауер“ се комплетно независни истражувачки институции кои се поврзани со конзервативни партии (Републиканската во САД и Демохристијанската унија во Германија).

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...