„Остави трага“ во Охрид: Вечерва панел дискусија, музика и театар во паркот пред Центарот за култура „Григор Прличев“

„Целта на овој регионален настан е да се поттикнат младите да го зголемат нивното општествено учество, активацијата и подигање на свеста за еднаквоста во општеството“, велат од ИДУЕП.

Фото: ИДУЕП

Вечерва во 19 часот ќе се одржи четвртиот од серијата настани на караванот „Остави трага“, кој има за цел да поттикне младинска активација, но и да пренесе пораки на еднаквост и толеранција низ целата земја. Како што соопштија од Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП), настанот ќе се одржи во паркот кај Центарот за култура „Григор Прличев“.

Во рамки на настанот ќе се реализира и панел дискусија под името „Еднаква, своја, успешна“ на која учество ќе земат:

  • Јованка Тренчевска, министерка за труд и социјална политика
  • Славјанка Петровска, министерка за одбрана
  • проф. Елизабета Ѓоргиевска, сопруга на Претседателот
  • Сестра Ефимија, монахиња
  • Аида Авехабовиќ, граѓанска активистка од Босна и Херцеговина
  • Алма Мујановиќ, претседателка на Здружение за промоција на знаковен јазик „Знак за збор“ од БиХ
  • Марина Вујачиќ, извршна директорка на здружение „УМХ“ од Црна Гора
  • Ламбро Патче, менаџер
  • Бисера Чадловска, диригентка
  • Наташа Поповиќ, директорка на „Охридско лето“
  • Владанка Трајкоска, претседателка на ОРМ
  • Марија Андреева, проектнa раководителка во рамки на канцеларијата на Советот на Европа (CoE) во Скопје

„Целта на овој регионален настан е да се поттикнат младите да го зголемат нивното општествено учество, активацијата и подигање на свеста за еднаквоста во општеството“, велат од ИДУЕП.

Настанот официјално ќе го отвори групата „Шербет“, потоа ќе биде изведена мини пиесата „Среќа“ на Интимен театар Битола, а дел од студентите на Меѓународниот Балкански Универзитет – Факултетот за уметност и дизајн ќе изготват уметнички дела на платно, додека младата уметничка Мартина Наумовска ќе гравира на стакло и стаклени чаши.

Серијата јавни настани која е насловена „Дојди и раскажи ја својата приказна – Остави трага“ ја спроведува Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи во соработка со Министерството за труд и социјална политика и со поддршка на проектот за борба против омразата и нетолеранцијата од заедничката програма на Европската Унија и Совет на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“.