Објавена е Шангајската листа, и годинава без македонски универзитет на неа

Листата и годинава, за нејзината 20-годишнина, не носи големи изненадувања

Универзитетот Харвард во САД / Photo by Somesh Kesarla Suresh on Unsplash

Објавено е Академското рангирање на светските универзитети за 2023 година од страна на организацијата „ShanghaiRanking Consultancy“.

Листата и годинава, за нејзината 20-годишнина, не носи големи изненадувања. Меѓу најдобрите илјада универзитети во светот и оваа година нема ниту една македонска високообразовна установа.

По 21-ви пат, на врвот на меѓународната листа се наоѓа Универзитетот Харвард. На второ место е Универзитетот Стенфорд, а на трето Институтот за технологија Масачусетс (МИТ) – сите од САД. Американските универзитети, всушност, држат 14 од најдобрите 20 места на Шангајската листа.

Меѓу универзитетите во регионот, подобрување е забележано кај Универзитетот во Белград, кој од позиција меѓу 401-во и 500-то место, сега се најде на позиција меѓу 301-во и 400-то место.

Од српските универзитети, на Шангајската листа се наоѓа и Новосадскиот универзитет кој ја задржа позицијата помеѓу 901-во и 1.000-то место.

И Универзитетот во Загреб го задржа минатогодишниот пласман на позицијата меѓу 401-во и 500-то место.

Изненадување е што Универзитетот во Љубљана испадна од групата на 500 најдобри високотехнолошки установи во светот и сега се наоѓа помеѓу 601-во и 700-то место.

На листата годинава се најдоа пет грчки универзитети, додека освен македонски, Шангајската листа не содржи ниту еден универзитет од Бугарија и Албанија.

Академското рангирање на светските универзитети, познато како Шангајска листа, ги претставува најдобрите високообразовни установи во светот уште од 2003 година, врз основа на утврдена методологија и податоци од трети страни. Препознаена е како најверодостојно глобално рангирање на универзитетите. И годинава биле истражувани над 2.500 институции, од кои објавени се најдобрите илјада универзитети.

Шангајската листа и политичките партии

Инаку, Шангајската листа „збуни“ дел од македонските политички партии. Минатата година во јавноста се рашири дезинформација дека Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) наводно „паднал“ на Шангајската листа, при што партијата ВМРО-ДПМНЕ лажно претстави друго рангирање како „Шангајска листа“. За ова имаше и посебна прес-конференција на која зборуваше портпаролката на партијата, Марија Митева.

„За крај, потврда дека образованието е на последно место на приоритети на оваа влада видовме и на Шангајската листа каде УКИМ се најде на 1.944 место, што е пад за 27 места споредено со минатата година. УКИМ е на листата позади Белград, кој е во првите 500 универзитети, позади Загреб, Љубљана и бројни други факултети од регионот. Што се случува, има ли УКИМ воопшто ректор и ќе поднесе ли некој одговорност?“, праша Митева на прес-конференцијата за лажниот пад на УКИМ на листата на Шангај.

Оваа дезинформација, без да се провери вистинитоста на истата, тогаш ја пренесоа бројни домашни медиуми, а прашање за наводниот пад на УКИМ на Шангајската листа му беше поставено дури и на премиерот Димитар Ковачевски.

УКИМ го нема на Шангајската листа, јавноста се дезинформира со стара вест